Оваа учебна година започна и продолжи да се одвива со бројни проблеми. Како прво, иако имаше доволно време во летните месеци, почетокот на истата беше одложен за еден месец затоа што не беа обезбедени услови за онлајн настава и платфоормата за спроведување на истата не беше готова. Сите подготовки во оваа насока беа правени во последен момент, почнувајќи од тестирањето на платформата, па се до обуките кои се спроведуваа за користење на истата.
И откако започна учебната година проблемите продолжија и платформата се покажа како нефункционална но министерката за образование во секоја прилика се фалеше дека наставата се одвива испешно и со солиден квалитет. Таа дури велеше дека има над 90 отсто успешно одвивање и следење на онлајн наставата.
-Има над 90 отсто успешно одвивање и следење на онлајн наставата. Поточно процентот стигна до 90,2. Ова укажува дека само за еден месец воспоставување на онлајн-наставата во нашата држава, имаме повеќе од 90 проценти ученици кои следат соодветно и наставници кои соодветно оддржуваат настава. За останатите девет проценти се следи настава преку телевизија, изјави Царовска во ноември, но последното истражување спроведено од „ Лидери за едукација“ и Фондацијата Конрад Аденауер, го покажува токму спротивното.
Според ова истражување, само 9% од наставниците ја користеле Националната платформа за одржување на своите онлајн часови, а како главни причини за овој лош процент се наведуваат техничките недостатоци и нефункционалноста на истата.
Истражувањето исто така покажа дека е потребно и техничко подобрување на училиштата бидејќи 62% од наставниците работеле од дома вложувајќи сопствена опрема, а неопходно е и воведување задолжителни обуки за дигитални вештини на наставниците зашто 11% од нив се уште комуницираат со учениците праќајќи им презентации и давајќи им инструкции преку меил, СМС пораки и Вајбер.