среда, 3. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Цементарница УСЈЕ: Работиме согласно највисоките стандарди

Цементарница УСЈЕ: Работиме согласно највисоките стандарди

УСЈЕ работи согласно највисоките стандарди, реагираат од Цементарницата.

Нивната реакција на обвинувањата за тоа што таму се гори, ја пренесуваме во целост: 

Од 2011 година, Цементарница УСЈЕ поседува А-интегрирана еколошка дозвола, која гарантира дека работењето на компанијата е во согласност со домашното законодавство и стандардите на ЕУ во областа на животната средина. Покрај другите аспекти, А-интегрираната еколошка дозвола строго ја дефинира и употребата на енергенси што се користат во процесот, а истите се во целост усогласени со европските директиви, особено со ЕУ директивата за индустриски емисии. Тоа значи дека Цементарница УСЈЕ работи по исти стандарди, како и цементната индустрија во која било земја од ЕУ, а во вашиот текст без да се аргументира се тврди токму спротивното, со што се создава забуна во јавноста.

Покрај тоа, од 2007 година во Цементарница УСЈЕ се врши континуиран мониторинг на сите емисии во воздухот, 24 часа – 365 дена во годината. Истите се во законски дозволените граници, што јасно укажува на строго контролиран процес. Резултатите од овие мерења се јавно достапни на интернет страницата на компанијата:

http://www.usje.com.mk/NedelniIzvestaiEmisii.html http://www.usje.com.mk/godisni_izvestai_0_mk.aspx?mId=101&Lan=MK

Комплетна дезинформација е и тврдењето дека Цементарница УСЈЕ загадува со сулфур. Имено, доволно е да се погледнат мерењата на емисиите (редовно ги доставуваме и до медиумите), кои јасно покажуваат дека емисиите на SO2 од стационарните извори на компанијата се неколку десетици пати пониски од законски дозволените максимални вредности. Како пример – просечно, во единаесетте месеци од 2019 година, емисијата на SO2 e 33,85 пати пониска од законски дозволените.

Поради технолошки и деловни причини, печките на Цементарница УСЈЕ работат во текот на целото деноноќие. Кога се вршат, пак, ремонтни активности на печките, тие не работат воопшто, за што доследно и постојано известуваме. Дополнително, технолошкиот процес на Цементарница УСЈЕ оневозможува работа на печките, без работа на филтрите. Производството автоматски запира доколку филтрите не работат.

Фотографиите пренесени во вашиот текст покажуваат фракции на остатоци од текстил кој е собран од еден од текстилните погони во земјава. Неговото користење како енергенс во цементната индустрија е безопасно, поради спецификите на процесот на производство на цемент – комплетно затворен систем и согорување на температури помеѓу 1500 – 2000 степени Целзиусови. Инаку, овие остатоци од текстил во праксата редовно или се спалуваат на отворено или непрописно се депонираат, со што се деградира животната средина, конкретно воздухот и почвата, а понекогаш и водите. Оттаму, користењето на фракциите на остатоци од текстил во цементната индустрија не е проблем, туку напротив – решение на веќе постоечки еколошки проблем и тоа со минимални или никакви последици по животната средина.

Сакаме и во оваа прилика да истакнеме дека Цементарница УСЈЕ решава и уште еден сличен еколошки проблем – неодамна како енергенс почнавме да ја користиме и оризовата арпа, која исто така досега се спалува на отворено или се депонира во почвата или во реките во земјава.

Во Цементарница УСЈЕ не се користат гуми како енергенс, а тој податок во вашиот текст е целосно неточен.

Цементарница УСЈЕ, согласно дозволата што ја поседува, користи алтернативно гориво, што е во склад со праксата на Европската унија и е согласно директивите на Европската комисија од оваа област. Оттука, не се работи за отпад, туку за алтернативно гориво добиено од фракции од отпад, претходно целосно обработени во специјализирани фабрики, лоцирани во земји-членки на ЕУ, и строго контролирани од страна на сите надлежни институции. Употребата на алтернативни горива не е новина во земјите од ЕУ, каде што оваа пракса е присутна повеќе децении и е целосно безбедна технологија.

Употребата на алтернативни горива, како што наведовме е дел од дозволата што ја поседува УСЈЕ, а правилата се строго пропишани во домашното законодавство. Надлежните институции постојано го контролираат нашето работење и досега сите нивни контроли потврдија дека работиме согласно законски пропишаните норми. Работата на УСЈЕ постојано покрај редовниот 24 часовен мониторинг е постојано контролиран од надлежните инстутиции. Сите контроли потврдуваат дека УСЈЕ работи во согласно со законски утврдените лимити. Последната контрола од Државниот инспекторат за животна средина беше направена на 12.12.2019 година. Записникот од увидот во компанијата е јавно достапен на http://sei.gov.mk/index_mk.asp?fbclid=IwAR2tjckjHCR6GlrC0TEVIgm1PlWlEFlSr9J-nXZyFNNt8T3FDjifcSjfonk/ . По последната контрола, констатирано е дека УСЈЕ работи согласно законските предвидените параметри.

Најнови вести