За одлуката дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива ќе биде дел од Владата почна да се дискутира вечерва од 18 часот на седница на Централниот совет, највисокото партиско тело. Седницата се одржува во седиштето на партијата во Тетово.
– Да видиме како ќе тече состанокот. Ќе видиме за ресорите, денеска ќе разговараме, комплетно за програмските определби и за кадровските решенија, рече Африм Гаши кога пристигна на седницата во Тетово.
На состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.
По последната средба што се одржа во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.