Не се познати сите детали за случајот со обвинителниот предлог за Љупчо Златев, но јавниот интерес може да биде посилен од законот, порачува претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, откако скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог за оддавање службена тајна против новинарот и уредник на порталот „Лидер“.
Чадиковски најавува дека ќе го проследат случајот, а тоа би било и едно од прашањата за кои би разговарале на средбата која ја бараат со републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
„Како ЗНМ ќе го проследиме овој случај. Не се познати сите детали, за овој конкретен случај ќе треба да се направи анализа. Но секогаш кога се отвора предмет од ОЈО во доменот на слободата на изразување и правото на информирање, тоа може да биде проблематично. Јавниот интерес може да биде посилен од законот ако со објавите се демонстрира злоупотреба на одредена институција. Бараме средба со обвинителот Јовески за повеќе теми, и ова ќе биде едно од прашањата за кои ќе разговараме“, вели Чадиковски за „360 степени“.
За делото за кое е обвинет Златев во Кривичниот законик е пропишана казна затвор од три месеци до пет години.
Обвинителството попладнево соопшти дека тој оддал службена тајна бидејќи во два текста објавено во текот на овој месец објавил копии од документи од Управата за безбедност за контраразузнавање. Станува збор за документи од извештаи од направена оперативна проверка за безбедносна процена на лице кое било вработено во УБК, а не го поминало филтерот за да премине во новоформирана Агенција за национална безбедност (АНБ).
Златев во текстовите, повикувајќи се на тој документ, пишуваше дека лицето не го поминало филтерот бидејќи неговиот татко бил дел од патриотските здруженија протестирал против промената на името.
Обвинителството во соопштението наведе дека документите што ги објавил Златев се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за АНБ.
На нашето прашање како со објавата на вакви документи ѝ се прави штета на Агенцијата, од обвинителството посочуваат на тоа што го напоменуваат и во соопштението, дека тие не прават класификација на документите, туку тоа е направено според внатрешните прописи на Агенцијата. Кога веќе еден документ е класифициран како таков, велат тие, мора да постапуваат.