Пратеничката Павлинче Честојнова денес на собраниска седница посочи дека пред да дојде СДСМ на власт во Неготино ветуваа се и сешто, за на крај кога дојдоа на власт на централно и на локално ниво ништо не исполнија.
-Благодарност до Премиерот што ни го прочита CV-то на идниот заменик министер за здравство, кое што ние секако го имавме. И секако изненадена сум од Премиерот кој што по којзнае кој пат не ни предочи на сите нас кои не веруваме во тоа дека Македонија и македонското здравство блеска, истакна Честојнова.
Честојнова додаде дека во програмата на СДСМ ветуваа многу работи оваа власт. Во Неготино за парламентарните и локалните избори ветуваа дека ќе се отвори повторно породилниот дом. Наместо тоа во прашање се доведе и работењето на Брзата помош и како воопшто на здравствениот дом во Неготино.
-Премиере, дали знаете Вие со какви маки и проблеми, имаат болните во помалите градови и со што се тие се соочуваат. Токму денес ни се јави една наша сограѓанка од Неготино инаку инвалид, на која пред една година и е укината негата и која е прогласена за работно способна иако не може самата нормално да функционира. Таа живее со сопругот од неговата инвалидска пензија. Во една недела таа со пензија од 10.300 денари има закажано магнетна резонанца во Битола и ЕМГ во Куманово заради укинатите термини во сите други поблиски градови околу Неготино. И сето тоа со пензија од 10.300 денари треба тоа да го направи, знаете ли Вие премиер дека хронични болни во Македонија терапија која што мора да ја примат редовно ја нема во нашите аптеки? Ја има во сите соседни држави, само во нашите аптеки ја нема. Па затоа ја набавуваат до странство, појасни Честојнова.