Павлинче Честојнова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За подобра Македонија“, при одржување на седницата во Собрание на Република Македонија искажа благодарност за упорноста на земјоделците, во овој случај на лозарите, бидејќи денес пред пратениците е предлог законот за дополнување на законот за земјоделство и рурален развој.
-Во законот за земјоделство и рурален развој на Република Македонија по членот 99Б се додава нов наслов и нов член 99В кој гласи: „ Дополнителна помош за земјоделски производи откупени најмногу од пред 5 години“. Односно со членот 99В со став 1 стои дека Владата може да донесе одлука за дополнителна помош како мерка за исплата на одреден земјоделски производ кој согласно член 99А од овој закон не можат да се исплати, а се однесува за одредени земјоделски производи откупени најмногу пред 5 години од денот на донесувањето на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач. Во случајот, земјоделското стопанство како производител на тој земјоделски производ е бил корисник на мерка на годишната програма за финансиска поддршка во земјоделието за тој производ во годините за кои се однесува помошта. И што е исто така многу важно во член 2 од ова законско решение стои дека овој закон влегува во правосила со денот на објавувањето во „Службен Весник“ на Република Македонија, нагласи Честојнова.
Oбјасни дека секогаш до сега кога зборувала за земјоделството, ги бранела интересите на земјоделците и се борела за нивните права. Така и сега, ја дава комплетната поддршка на земјоделците и тоа секако не само декларативна поддршка туку комплетна, искрена и целосна поддршка на земјоделците.