Војната во Украина и санкциите кои ги презеде западниот свет спрема Русија ќе имаат негативни ефекти врз македонската економија. Истите ќе се одразат врз нашиот стандард, врз нашата надворешна трговија, домашното земјоделско и индустриско производство, врз инфлацијата, билансот на плаќања, државниот буџет и јавниот долг.
Секоја одговорна и спремна Влада ќе имаше разработени сценарија до сега и ќе постапуваше по нив. Но, нашата Влада во однос на тоа како дејствува, нема оценка на неколку сценарија и не се спрема за подолгорочно влијание на овие ефекти. Едноставно постапува од денес за утре, под притисок на јавноста. Зошто е битно да гледаме стратегиски?
Русија е 11-та економија во светот и еден од најголемите производители на примарни производи, со интегрираност во меѓународните пазари на капитал и во светскиот банкарски сектор. Непосредите ефекти се веќе видливи: повисока инфлација (шок врз цените на енергенсите и храната), понизок раст и нарушување на финансиските пазари (и нивната ликвидност) заради санкциите. Подолгорчните ефекти се нарушување на глобалниот систем на синџири на понуда и на интегрираноста на финансиските пазари во облик како што се од распадот на Советската унија во 1991 година. Светот најверојатно од сега па натаму ќе се дели на два блока, западен и источен.
После три недели од почетокот на војната веќе извесно е дека затегнатите геополитички односи ќе останат во подолг временски период, со можност да ги покренат цените на храната, природниот гас, електричната енергија, нафата, металите на повисоко ниво сѐ додека не дојде до прилагодување на понудата од страна на други држави. Но, тука: дали и за колку време другите држави ќе може да го надополнат уделот што Русија го има во светското производство? Засега Русија не ја намалува испораката на енергенсите кон Европската Унија (ЕУ) зошто во тековните услови, на замрзнати половина од девизните државни резерви и отсеченост од финансиските пазари, тоа преставува единствен девизен прилив за руската економија. Но, на среден рок, Русија може своето производство да го пренасочи во Кина и Индија, пазари кои имаат моќ да го апсорбираат извозот на природен гас, нафта, пченица, метали од Русија. Само за потсетување, пред почетокот на војната во Украина, Русија потпиша 30-годишен договор со Кина за снабдување со гас преку нов гасовод, зајакнувајќи го постојниот енергетски сојуз со Пекинг, којшто пак прави големи зафати за декарбонизација на својата економија.
Што значи ова за нас?
Во новите околности, но и до сега ни беше потребна подолгорочна стратегија. Не успеавме успешно да ја стабилизираме економијата во 2020 година, закаснивме со стабилизација на инфлацијата во 2021 и на почетокот на 2022 година, а сега НЕ треба да закасниме со обезбедувње на сигурност за иднината. Што треба како држава да направиме? Четири стратегии се приоритетни, денес само за првата – СИГУРНОСТ ЗА ХРАНА.
И пред војната во Украина, цените на примарните прехранбени производи имаа раст заради нарушените синџири на понуда, а со почетокот на војната се искачија на историскиот врв. Русија и Украина се големи производители на пценица, пченка, сончогледово масло, ѓубрива. Русија е најголемиот светски снабдувач на пченица и заедно со Украина, сочинуваат речиси четвртина од вкупниот глобален извоз, 19% од светските резерви на пченка, 80% од светскиот извоз на сончогедово масло. За некои земји зависноста е многу поголема.
Растот на цените на примарните производи ќе преставува голем ризик на краток и на подолг рок. На краток – заради воените дејствија, на подолг – заради промени во синџирите на испораката кон други држави кои не воведоа санкции.
Во овој контекст, поддршката на домашното земјоделско производство треба да ни преставува императив. Подолгорочна стратегија треба да се имплементира уште оваа година, а со неа треба да целиме на зголемување на домашното земјоделско производство особено на жита, но и на останати земјоделски производи со што обезбедуваме домашен капацитет на сигурност за храна. Владата излезе со пакет на мерки, во којшто немаше ниту една мерка за земјоделците, а треба веднаш да пристапи кон:
1. Потребно е да се зголеми износот на земјоделските субвенции и нивно насочување кон оние производи каде што во наредниот период ќе има нарушување на пазарот (пченица, пченка итн.). Примарната цел на субвенциите е да го поддржат домашниот земјоделец, со што истиот треба да има мотив да произведува повеќе, поквалитетно и да го зголемува пласманот на домашниот и меѓународниот пазар – со последното се обезбедува и девизен прилив. Во последните две години (2020 и 2021 година) субвенциите беа намалени и во просек изнесуваа 3% од вкупните расходи на буџетот, наспроти просекот од 4,4% во претходните години. За оваа година не ми е познат износот, но мора да го адаптираме и ако е низок да го зголемиме.
2. Потребно е земјоделците да ги земаат субвенциите пред производната сезона со цел да ги покријат зголемените трошоци за производство. Земјоделското производство и пред војната во Украина беше погодено од растот на цените на суровините. Само во јануари 2022 година, цените на енергијата, горивата и мазивата беа за 27% повисоки од јануари 2021 година, цената на минерални ѓубрива за 25%, додека цената на добиточната храна за 10%. Цената на импутите во земјоделството генерално беше зголемена за 15% на годишна основа, а цената на вкупниот аутпутот за 4,4%, од кој само на житата и ориз за 16%.
3. Потребно е да се обезбеди пласман за земјоделските производи при затварање на рускиот пазар. Директните ефекти на надворешно-трговската размена на Македонија од војната во Украина се значајни и покрај тоа што носителите на домашните политики викаат дека се ниски. Индивидуалните земјоделци кои извесуваат храна во Русија (јаболка, праски, крушки, зеленук и др.овошје) може да бидат погодени ако се затвори рускиот пазар, а нивниот извозот кон Русија е вкупно 20 мил.евра во 2021 година. Русија е петта по ред во нашиот извоз на храна.
4. Потребно е обезбедување на стоковите резерви на ниво пропишано со закон, а во новата ситуација и повисоко од тоа. Треба да се зголеми буџетот на Агенцијата за стокови резерви којшто во 2022 година е само 4 мил.евра од кои околу 3 мил.евра се за набавки. Состојбата со стоковите резерви е стратегија, а не дневна политика.
5. Треба да се прифатат мерките на земјоделците кои бараат целосно ослободување од акцизата и ДДВ-то за зелената нафта и укинување на ДДВ-то за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати. Корисниците на државно земјиште бараат ослободување од надоместот за концесија за цела 2022 година, како и ослободување од пашарина, наводнување и одводнување.
6. Владата треба веднаш да ги субвенционира придонесите на регистрираните земјоделци. Зар земјоделците се помалку битни од другите групи во општеството? Владата се фали дека ги подржува пензионерите, нископлатените вработени, но каде се земјоделците? Земјоделците се оние кои ни ја обработуваат земјата и ни обезбедуваат сигурност за храна. Ако интервенираме навремено во примарното производство ќе постигнеме две цели: ќе имаме сигурност за храна и ќе го спречиме идниот ценовен раст.
Маја Кадиевска Воjновиќ за НетПрес