Четири осудени лица во КПУ Затвор Штип втор ден штрајкуваат со глад. Роднини на затворениците велат дека до ваквата ситуација дошло бидејќи прaвата во затворот не важеле за сите исто.
Револтот е заради тоа што едно осудено лице било префрлено од затворениот во полуотворениот дел, иако таму бил пократок временски период од нив. Директорот на Затворот Штип, Мики Тодоров иако е на годишен одмор за МИА потврдува дека осудените лица штрајкуваат, лекарот утринава им извршил преглед и нивната здравствена состојба е добра. Одговорно тврди дека ниту едно право на осудентите лица не им е нарушено.
-Во главната тетратка во затворот од вчера е евидентирано дека четири осудени лица штрајкуваат со глад. Од нивна страна нема наведено која е причината поради која штрајкуваат, односно пишува дека истата ќе биде образложена пред институциите. Лицата кои штрајкуваат се прегледани од затворскиот доктор и медицинска сестра од Здравствениот дом и е констатирано дека се во добра здравствена состојба, вели Тодоров.
Посочи дека осуденото лице, кое било во затворениот дел, а сега е префрлено во полузатворениот е заради неговата здравствена состојба и е на препорака од лекарот.
-Осуденото лице е префрлено од затворено во полузатворениот дел од затворот бидејќи така налагаше неговата здравствена ситуација. Истото треба да поминува повеќе време на воздух. Што се однесува на заканите, јас од петокот сум на годишен одмор и немав никаквов контакт со затворените лица. До сега во затворот на ниту едно осудено лице не му се скратени правата кои ги заслужува, вели Тодоров.
Роднините за МИА изјавија дека доколку институциите не реагираат до четврток, во петок ќе го блокираат патот кај Затвор Штип.