понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Четврти ден гори депонијата кај салата „Борис Трајковски“

Четврти ден гори депонијата кај салата „Борис Трајковски“

Дивата депонија покрај кејот на реката Вардар во Скопје, во близина на салата „Борис Трајковски“, гори и вечерва. Непријатна миризба се чувствува низ цела Општина Карпош. Од Пожарната велат дека брзо ќе го локализираат пожарот, но дека поради ветрот чадот се шири низ населбата.

На мирис на чад се жалат граѓани секоја вечер откако пред три дена беше запалена депонијата, но надлежните велеа дека немаат пријава.

Истата депонија беше запалена во април 2019, а од март годинава почнаа градежните работи за изградба на парк на на површина од 60.000 метри квадратни. Покрај зеленило и дрвја, ќе биде изведена и ботаничка градина, како и содржини за спорт и рекреација.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев на 14 септември, кога почнаа пожарите на депонијата, кажа дека не може да се излезе на крај со граѓаните.

„Влезот во близина на аква паркот од каде влегуваа камиони го затворивме откако ја исчистивме депонијата, но сега си направиле друг пат и од таму влегуваат и прават депонии. Сто пати чистевме, стававме препреки, но џабе, пак се прават депонии. Депонии се прават и во Карпош 4, во делот кој го расчистува и рамни земјиштето за новиот парк“, вели градоначалникот Богоев.

Богоев вели дека инспекторите од Општината постојано биле на терен, но граѓани истураат камиони со шут и во 5 часот наутро во недела.

Најнови вести