Коронавирусот речиси да зазема се поголем замав во нашата земја и покрај тоа што власта и министерот за здравство Венко Филипче прогнозираше пик со само 2.000 заболени до крајот на април и мај.
За жал и додека Македонија руши црни рекорди по бројот на починати лица среде топло лето, бројката секојдневно расте и на новозаразени лица.
Експертите со месеци наназад се сигурни во едно, а тоа е дека Македонија руши секакви рекорди не само на Балканот, туку и пошироко во Европа.
Доктор Андон Чибишев во изјава за КУРИР вели дека ситуацијата со КОВИД-19 во нашата земја излегува од контрола.
-Ситуацијата со епидемијата со корона вирусот е очигледно веќе подолго време излезена од контрола. Сведоци сме секојдневно на огромен број на новозаразени и починати. Уште од почетокот е испуштена можноста епидемијата да се стави под контрола, да имаме што помал број на новозаразени и умрени. Кога Светската здравствена организација препорачуваше масовно тестирање, ние правевме мал број на тестирања и затоа и имавме евидентирано помал број на заразени. Спроведовме многу рестриктивни мерки со кои што донекаде ја ставивме епидемијата под контрола, меѓутоа, под притисок и уцени на разни интересни и религиозни групи мерките нагло се олабавија и резултатот беше галопирачки број на новозаразени и починати. Во месец јуни само за дваесетина дена имаме дупло поголем број на новозаразени и починати и три пати поголем број на активни случаи. Во последните петнаесетина дена ситуацијата е целосно надвор од контрола, ако се направат поголем број на тестирања имаме поголем број на новозаразени односно ако бројот на тестирања е помал, бројот на новозаразени во бројки е намален. Меѓутоа, во проценти бројот на новозаразени се движи од 10 % до 20 % од тестираните, а за бројот на починати подобро да не зборуваме затоа што тука сме апсолутни рекордери не само помеѓу државите во опкружувањето туку и пошироко, потенцира доктор Чибишев во изјава за КУРИР.
Тој додава дека вториот бран на пандемијата е само предвидување на одредени „експерти“ кои тоа не го поткрепуваат со ниту еден валиден доказ или аргумент.
Според него никој не знае каков тек ќе заземе пандемијата во иднина.
-Тешко ќе биде сега кога сите механизми за контрола на трансмисијата се дисфункционални на краток рок да се воспостави контрола над ситуацијата. Мислам дека надлежните државни институции треба да ги стават во функција сите стручни лица во државата кои имаат огромно искуство во областа на инфектологијата, микробиологијата и епидемиологијата за тие со своето знаење направат краткорочен и долгорочен план како да го ублажиме ударот на пандемијата врз здравјето на граѓаните, можностите на здравствениот систем и економијата. А, такви луѓе Македонија има, меѓутоа тие за жал не се во видокругот на политичките елити кои во стручните комисии обично регрутирааат партиски кадри со кои ќе можат да носат по потреба и политички наместо стручно поткрепени одлуки. Тоа го гледавме во изминатиот период кога некои мерки на Комисијата за заразни болести беа преиначувани или одбивани од страна на Владата. Итно обединување на сите стручни и компетентни кадри кои посветено и независно ќе носат мерки кои конечно ќе стават крај на оваа агонија во која живее Македонија во последните четири месеци, дециден е Чибишев во својата изјава за КУРИР.