“Пред нас се уште едни значајни парламентарни избори, избори кои што, по правило треба да бидат празник на демократијата, доказ за функционирањето на уставно-правниот систем и се разбира најповеќе од се – чин на декларирање на слободната волја и право на изјаснување на секој наш граѓанин. За жал, овојпат, изборниот процес ќе се одржува во една, би рекол – крајно деликатна состојба – актуелната пандемија од “ковид 19“, во околности условени од фактот дека безбедноста и заштитата на здравјето на граѓаните се приоритет број еден.“
Ова денес, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес конференцијата во министерството за внатрешни работи а посветена на спроведувањето на претстојните парламентарни избори.
На почетокот од своето излагање пред медиумите министерот Чулев информираше за неколку тековни активности на министерството што се одвиваа деновиве токму во насока на заштита на законитоста на изборниот процес и спречување на обиди за крешење на изборните норми и правила.
“Првиот случај се однесува на СВР Велес, каде во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници извршен е претрес на дом кај лицето А.М. (35) при што се пронајдени и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови од тетратки на кои имало рачно испишан список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви. По насока на јавен обвинител од ОЈО Велес, лицето е лишено од слобода поради сомневање за извршено кривично дело “Поткуп при избори и гласање“ по чл. 162 од КЗ и со истото во просториите на СВР Велес e извршен разговор во врска со пронајдените предмети при што од негова страна било потврдено дека конкретните списоци биле направени од негo по претходна насока од лицето З.М. блиско до раководство на партија во Велес, а на истите имало име и презиме и матичен број на лица кои би гласале за политичката партија, а за возврат би добиле финансиски средства“. Потоа министерот Чулев го посочи случајот во кој вчера Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје постапувала по објави на социјалните мрежи, во кои имало недолична содржина односно истите, според Чулев, содржеле елементи на сторено кривично дело, кое што се гони по службена должност и дека од страна на полициските службеници извршен е разговор со лице Ѓ.Г. кој бил сопственик на профилот.
“Согласно, информациите кои ги имам од страна на СВР Скопје во текот на денешниот ден ќе бидат преземени дополнителни активности, односно и други лица ќе бидат повикани на разговор, а во насока на целосно расчистување на овој, но и на други случаи, по што ќе следи доставување на соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство“, рече министерот Чулев.
Потоа тој информираше и за мерките преземени од страна на СВР Струмица за расчистување на два одвоени случаи во коишто, според Чулев, постои инволвираност на локални функционери на партија. Во првиот е постапено по пријава за изборен поткуп од страна на активисти на политичка партија во с. Николиќ, при што во разговорот од страна на едно лице даден е исказ во кој истото наведува дека во настанот е инволвирано и лице од Дојран, и во координација со ОЈО Гевгелија се преземеаат дополнителни мерки за утврдување на инволвираност и на други лица, по што по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок до ОЈО Гевгелија. И во вториот случај по објавена снимка на Јутјуб за изборен поткуп во општина Василево, преземени се активности за идентификување на инволвираните лица при што од извршениот разговор со еден од идентификуваните е потврдена автентичноста на снимката и разговорот. Според Чулев – “Од страна на полициските службеници се направени обиди за врачување на покани за разговор на повеќе активисти на политичка партија, но истите не биле најдени дома, по што ќе следат дополнителни мерки. Од страна на лицето кое ја потврдило автентичноста на снимката било пријавено и кривично дело “Загрозување на сигурноста“ против лица вработени во МВР кои наводно му вршеле притисок да даде изјава дека изнесенето во снимката е само шега и дека од нивна страна ќе му биде кажано кај кој инспектор треба да отиде за да ја даде таквата изјава. За целиот овој настан е известено надлежното јавно обвинителство“, нагласи Чулев.
Исто така тој ги презентираше и активностите во рамки на СВР Штип каде што беа преземени мерки за расчистување на два одвоени случаи, а за кои веќе јавноста беше информирана. “Првиот случај се однесува за големиот број на лични документи кои беа пронајдени во Штип, а кои било чувани како залог кој требало да биде искористен во изборни цели и вториот во селото Ерџелија каде кај неколку лица се пронајдени поголем износ на пари и списоци со лица кои биле потенцијални гласачи на политичка партија“, рече Чулев
Наедно министерот Чулев информираше дека активно се постапува и во детекцијата на нарушувања на нормите и во редовите на министерството при што посочи дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди се постапува по три одвоени случаи поврзани со парламентарните избори. “Првиот случај се однесува за општина Куманово, вториот за општината Дебар и третиот за општината Шуто Оризари. Врз основа на констатациите од нивна страна преземени се мерки и активности за целосно завршување што подразбира и соодветна дисциплинска одговорност за одговорните лица“, рече Чулев.
На прес конференцијата министерот Чулев истакна дека “Министерството за внатрешни работи, сиот негов кадровски и организационен потенцијал се максимално подготвени да се справат со сите предизвици, односно да овозможат, во доменот на своите законски надлежности и обврски, мирно и непречено одвивање на изборниот процес“
Според Чулев – “изборите, меѓу другото, се чин преку кој подеднакво се манифестира професионалноста и функционалноста на институциите да овозможат слободно и фер изразување на граѓанската волја, но и на зрелоста и одговорноста на сите политички чинители – учесници во изборниот натпревар, да сторат се што е во нивна моќ изборите да бидат вистинска понуда на програми и визии, и ништо повеќе од тоа“..
Оттаму Чулев порача дека –“Од аспект на министерството за внатрешни работи ние таа наша задача ќе ја реализираме: бескомпромисно, доследно, крајно одговорно со никаква толеранција кон какви и да се евентуални обиди за попречување на граѓанското право за слободно изразување на политичката волја. Секое постапување кое е во спротивност со законот ќе биде соодветно санкционирано, а казните за кривичните дела против изборите се движат до 10 години затвор“.
На крајот од прес конференцијата Чулев напоменувајќи дека МВР во моментот постапува и по други оперативни сознанија и пријави за можни изборни нерегуларности, упати апел до граѓаните но и до учесниците во изборната трка : “во деновите што се пред нас да ги покажеме на дело нашата совесност и достоинство, демократскиот дух и толеранцијата, чувството за одговорност и за законитост, оти само така можеме да ја постигнеме посакуваната цел – мирни, фер и безбедни по здравјето – избори! Верувам дека, како во претходниот период, така и во текот на изборниот процес сите ние ќе бидеме на висината на задачата што е поставена пред нас“