петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Чулев за РСЕ: Сите капацитети во Министерството за внатрешни работи се ставени во функција на справување со коронавирусот

Чулев за РСЕ: Сите капацитети во Министерството за внатрешни работи се ставени во функција на справување со коронавирусот

Мерки против коронавирусот се преземаа пред сè поради менталитетот на луѓето што живеат во нашата држава и коишто се многу друштвени. Имаме многу интензивни социјални контакти и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој зборува и за заштитата на полицијата од вирусот и за неговата комуникација со останатиот дел од Владата.

Министре, на позиција сте околу 100 дена, бевте избран за организирање на изборите, а сега практично сте фокусирани на борба со коронавирусот. Може ли да прецизираме колку точно полицајци се ангажирани со ова, во обезбедување на лица во изолација, во обезбедување на полициски час, во обезбедување на лица коишто се во карантин? Колкав процент од полицијата е ангажирана во справување со коронавирусот?

Сите капацитети во Министерството за внатрешни работи се ставени во функција на справување со коронавирусот. Ова ни е приоритет во нашето постапување, меѓутоа знаете дека полицијата е ангажирана и во она што значи регуларни активности, а тоа е одржување на јавен ред и мир и справување со сите облици на криминал и криминални дејствија.

Токму затоа и прашувам колкав процент од вработените ви одзема ова справување со коронавирусот?

Одзема голем дел, меѓутоа капацитетите на пример што беа во Гранична полицијата, со оглед дека имаме соработка и заеднички оперативен штаб со Армијата на нашата држава, значи сега се вклучени во секторите за внатрешни работи, со оглед дека голем дел од граничното обезбедување сега е преземено од страна на Армијата. Исто така Армијата ни асистира и во обезбедување на одредени објекти коишто се користат како државен карантин, а и обезбедување на објекти од витално значење, како што е Собранието, како што се одредени складишта, хеликоптерските полигони, а исто така и дел од дипломатско-конзуларните претставништва. Од тој аспект полициските сили коишто претходно беа ангажирани во овие работни задачи сега ги користиме во контрола на ограничувањето на движењето на граѓаните и во обезбедувањето на карантините и во спроведување на мерката самоизолација и изолација.

Министре, зошто се одлучивте на спроведување на мерката полициски час, а не за она што го применуваат европските држави, односно контрола и казнување на неодговорните поединци?

На ниво на Влада секој ден имаме координативен штаб на кој се разгледуваат сите оние препораки кои доаѓаат од Комисијата за заразни болести во која членуваат епидемиолози, инфектолози, тоа се лица кои се стручни во проблематиката и тие ги предлагаат мерките на владата. Врз основа на нивните стручни мислења беше дека пикот на заразата со коронавирусот во Македонија ќе биде во периодот што доаѓа, односно кон крајот на април, Владата одлучи да го зголеми ограничувањето на движењето, пред сè да се спречи социјалната интеракција меѓу луѓето, односно тоа да се сведе на минимум, со цел да се спречи ширењето на заразата од коронавирусот. Јас лично да ви кажам исто така се залагам за поригорозни мерки.

Какви мерки поригорозни од ова?

Вклучително и овие мерки што сега се преземаа, пред сè заради менталитетот на луѓето што живеат во нашата држава и коишто се многу друштвени. Имаме многу интензивни социјални контакти и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока.

Синдикатот на полицијата обвини дека полицијата немала доволно опрема. МВР доби две донации, вие ги дониравте во Кумановската болница.

Нормално, на почетокот кризата нè затече сите, вклучително сите институции во државата и многу посилни држави од нас и ние имавме ограничена распределба на средства за заштита на полицијата, меѓутоа веднаш се преструктуиравме и имавме две значајни донации, а имавме донации и од НР Кина, од ОБСЕ и од другите партнери на полицијата, а истовремено направивме успешна реализација на тендерот за набавка на средства за заштита на полицијата. Се работи за заштитна опрема, маски, ракавици, заштитни визири и очила, за средства за дезинфекција и скафандери. Така, покрај од донациите, ние сега имаме и сопствени средства од успешниот тендер.

Вас не ве гледаме на многу владини прес-конференции, туку вашата заменичка Славјанка Петровска. Зошто министре? Не ве викаат или вие одбивате да одите?

Јас како министер за внатрешни работи сум по предлог на опозицијата и моја основна задача беше да организираме мирни, фер и демократски избори, меѓутоа сега оваа влада продолжува, а Министерството за внатрешни работи има дополнителни ингеренции коишто треба да ги извршува. Јас секогаш, без разлика што сум претставник од опозицијата, сè она што ќе дојде како насока од Владата најревносно ја извршувам во интерес на граѓаните.

Но, во име на МВР, кога држи прес министерот за здравство Венко Филипче, до него е вашата заменичка, а не вие.

Да. Сепак морам да кажам дека не секогаш наидувам и моите предлози до Владата, па и уредбите коишто ги предлагам не наидуваат на слух од страна на претседателот на Владата Оливер Спасовски и на другите министри, така што често ми се одбиваат предлози, а искрено не сум консултиран за одредени нивни предлози, уредби, за коишто тие вршат меѓусебни консултации.

И кои се во доменот на МВР?

Не во доменот на МВР, не, меѓутоа во она што значи како Влада, затоа што ние сега Владата во моментот има и законодавна улога, но и извршна улога и мислам дека сите тие треба да бидат меѓусебно дискутирани и споделувани. Не сум вклучен во тие дискусии, дури ни во одредени активности на Владата, јас пак ќе кажам во тие групи на социјални мрежи коишто ги имаат, а јас не сум вклучен, а досега ниту еднаш не сум викнат на прес-конференција којашто е организирана од страна на Владата. Некогаш некои работи се договараат и мимо мене со дополнителниот заменик, меѓутоа сепак тоа се работи кои не треба да ги пренагласуваме во ситуација кога заеднички треба да се справуваме со заканата од коронавирусот.

Оригиналниот текст видете го овде.

Најнови вести