Вкупно 20 фирми се проверени во вчерашната акција на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Скоро сите ќе бидат казнети бидејќи имале доволно залихи на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрбуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и февруари. За нив ќе следат казни од 800 до 10.000 евра.
Како што објави Сител, двајца на Кванташки пазар се казнети и затоа што продавале како физички лица. Од фирмите, пак, се одземале фактури од увозот на овошјето и зеленчукот кои треба да покажат дали и како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки. Истрагата и контролите ќе продолжат од утре.
Надлежните институции од фирмите ги имат земено сите потребни документи и најавуваат дека проверката ќе продолжи и утре.
Од вчера над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје. Инспекторите на ДПИ постапуваат во координација со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи.
Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено беше и на Кванташкиот пазар. Исто така се вршеа надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови. (МИА)