Павлина Црвенковска поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседател на Судски совет.
Оставката ја поднесе пред почетокот на денешната 421 седница на Советот.
– Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судски совет. За причините ќе бидете информирани преку соопштение, изјави Црвенковска на почетокот на денешната седница.
Заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми, рече дека не бил запознаен со оваа одлука и ја прекина седницата.
Веднаш потоа во соопштение до медиумите, Црвенковска извести дека поднесува оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија.
– Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството, наведува таа во оставката.
Како што наведува Црвенковска, станало жално што, како што вели, „наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“.
-Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски. Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството, наведува Црвенковска во оставката.
Црвенковска останува член на Судскиот совет.