недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Цуцуловски: Погубно е прифаќање на преговори за историја и идентитетски прашања

Цуцуловски: Погубно е прифаќање на преговори за историја и идентитетски прашања

Погубно е секое наше прифаќање за било каков разговор со Бугарија на теми за историја, идентитет и јазикот смета универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, кој вели дека добрососедство е економија, развивање туризам, инфраструктура, меѓучовечка соработка, а не разговор за заедничка историја и идентитетски прашања.

– Ние со Бугарија можевме да разговараме како да се подобри патната инфраструктура помеѓу двете земји, како да се развие туризмот, за стопанска соработка, а за заедничка историја и идентитетски прашања такви теми воопшто не треба да се прифаќаат, рече Цуцуловски за „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија.

Тој додаде дека дали Македонците сме Македонци и дали македонскиот народ е македонски, за тоа не се разговара помеѓу комисии, ниту помеѓу држави.

– Фактот дека таа комисија е државна говори дека државата преку таа комисија разговара со Бугарија за овие прашања. Што е сегашноста ако не е резултат на минатото. Нема што јас да разговарам дали сум или не Македонец, дали постојам или не постојам, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин, дали ќе го славиме заеднички. Ако Бугарија сака да го слави, нека го слави, но зошто би го славеле заеднички? Зошто браќата Кирил и Методи или Свети Климент да ги славиме заеднички, вели Цуцуловски.

Тој додаде дека апсурдот оди до таму што Чешка и Словачка реагираа на нивното присвојување на сесловенските просветители, затоа што нивното значење е за целиот словенски народ.

Во однос на изјавите дека бугарската политика е ваква каква што е сега заради предизборието, вели дека тоа значи дека се обвинува бугарскиот народ за националнистички народ.

– Според оваа теза значи дека бугарските граѓани се националисти, па политиката мора да биде националистичка за да може да ги придобие нивните симпатии и така да се победи на избори. Тоа е страшно да го тврдите за сопствениот народ, како што го прават бугарските политичари, нагласи Цуцуловски.

Најнови вести