Имаме 30% реализација на капиталните инвестиции од првично планираните. Таква катастрофа во реализација на капиталните инвестиции не се видело во Македонија повеќе од 15 години, изјави во Отворено на Алфа Телевизија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев.
– Економскиот раст треба да се поттикнува преку буџетската политика, односно преку капиталните инвестиции. За оваа година сведоци сме дека беа планирани 400 милиони евра капитални инвестиции, со ребалансот намалени на 300 милиони евра, ио така намалени заклучно со октомври ние имаме реализација согласно првично планираните од 30%, а согласно ребалансот 40% реализација и не гледам реализација ни повеќе од 55%, вели Цуклев.
Тој посочи дека загрижува што не се гледа реализација на капиталните инвестиции од следната година ако се земе предвид ниската реализација од оваа година и ако се знае капацитетот и посветеноста на оваа влада за работа и реализација на капиталните инвестиции.
Во врска со буџетот за следната година тој потенцираше дека СДСМ кога беше опозиција главна критика им беше дека владата на ВМРО-ДПМНЕ прави мегаломански буџети, а сега гледаме на дело многу помегаломански буџети и зголемување на даночното оптоварување и на граѓаните и на реалниот сектор.
– Сведоци сме на покачување на акцизата за дизел горивото, во ситуација на растечки тренд на цената на горивата на светските берзи, сведоци сме на прогресивното оданочување кое што под превезот за порамномерно распоредување на даночниот товар по скратена постапка владата го протна низ собранието без поширока јавна расправа и консултација со засегнати страни, нагласи Цуклев.