На денешната дебата на Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледува Ребаланс на буџетот за 2019 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев потенцираше дека овој ребаланс е последица на неефикасноста на институциите предводени од СДСМ.
– Повеќе ќе се задржам на неефикасноста на институциите бидејќи сметам дека овој ребаланс е токму последица на ниската реализација во одредени сектори и на превземање на мерки кои што се последица на нефункционалност на институциите. Најпрво, она што оваа Влада не може да излезе и неможе да го изговори за неефикасност е реализацијата на капиталните расходи. Имено, заклучно со осми месец тие се на ниво од 28,2% од планираното а пројдено е две третини од годината. До лани изговорите беа грешка во проектите, утната траса, бандера на патот и слично, сега веќе тие изговори не држат. Со овој ребаланс кратите 53 милиони евра од капитални расходи, а носите плус 69 милиони евра за тековни расходи. Тоа е така затоа што едноставно институциите не функционираат на потребното ниво. Нешто треба да превземете во менаџирањето со капиталните расходи и тоа како опозиција ви го кажуваме постојано, рече Цуклев.
Во продолжение Цуклев напомена и дека странските директни инвестиции во првата половина од 2019 година се најниски во последната деценија.
– Странските директни инвестиции бележат катастрофално ниво во првата половина на 2019 година и изнесуваат 55 милиони евра. Тоа е потврда дека политиките за привлекување на странски директни инвестиции на оваа влада не се правилно поставени и дека треба многу повеќе да се работи за подобрување на бизнис климата. Јавниот долг во првата половина на 2019 година е зголемен 600 милиони евра во апсолутен износ, а имаме катастофално ниво на реализација на капиталните инвестиции и логично е прашањето за каде завршува зголеменото нето задолжување, додаде Драган Цуклев.