За ХПВ вакцината има релативно мал процент на вакцинирани девојчиња од различни причини. Оваа вакцина е една од најефикасните вакцини и има за цел да делува и да спречи развој на карцином на грло на матка, апелира проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација на денешниот брифинг поврзан со прашања околу набавка, чување и пристап до информации за вакцините, во организација на Македонскиот институт за медиуми и УНИЦЕФ.
– Карциномот на грлото на матка е еден од водечките кај женската популација на возраст од 15 до 45 години, а е втор по ред, веднаш по карциномот на дојка. Родителите ова сериозно треба да го имаат како информација со цел да донесат одлука дали ќе ги вакцинираат своите девојчиња или не, вели д-р Грозданова.
Додава дека согласно календарот за имунизација оваа вакцина се дава помеѓу девет и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години.
Причината зошто баш на оваа возраст е потребно девојчињата да ја примат вакцината, како што вели д-р Грозданова, е поради тоа што од имунолошки аспект е многу важно кога ќе се даде вакцината, но дополнително, оваа вакцина е асоцирана да се прими што е можно порано, односно пред девојките да стапат во сексуални односи.
– Оваа вакцина што во моментов е достапна кај нас е четиривалентна и заштитува од четирите најинвазивни серотипови, директно асоцирани со развој на рак на грло на матка. Има и нови вакцини со поголема валентност и очекувам во следните години да ги имаме и тие, додава таа.