Љупка Арсовска, сопственичка на салон за убавина во Инглвуд, Њу Џерси, го привлече вниманието на локалните медиуми со покренатата акција за собирање пари за деветгодишното девојче Биле од Македонија болно од тумор на мозокот.
За тажната судбина на Биле, на нејзиниот 12-годишен брат и на самохраниот татко Арсовска слушнала од братучетка на свој клиент и веднаш решила да преземе нешто.
Само за операцијата на Биле се потребни 7.000 американски долари, но му требаат средства и на татко ѝ за да ја носи со автомобил на болничките третмани со хемотерапија, од кои новиот циклус треба да почне на 3 јануари.
Арсовска неодамна ги запозна Биле и нејзиниот татко онлајн и се надева дека преку GoFundMe ќе собере 10.000 долари за двајцата.
„Биле е паметно и позитивно деветгодишно девојче“, вели Арсовска. „Нејзиниот татко е … смирен и се обидува да стори сè што е најдобро за да ја спаси својата ќерка. За жал, тешко е за него да го направи сето тоа сам“.
На вебстраницата на GoFundMe за случајот на Биле пишува:
„Биле е столбот на нејзиното семејство, таа им носи радост на сите околу неа со нејзиното големо срце и со убавата насмевка. Нејзината огромна страст за живеење ѝ дала силен позитивен став за борбата против нејзиниот рак (педијатриска медулобластома) во изминатата една година, но, за жал, хемотерапијата носи оптоварување на нејзиното деветгодишно тело. На Биле и на нејзиниот татко им треба вашата помош! Тие треба да ги покријат трошоците за операцијата на Биле и на осум циклуси на хемотерапија. Биле, нејзиниот татко и братот живеат во неразвиено гратче оддалечено час и половина од болницата. Кога ќе донирате пари за да ѝ помогнете на Биле не ѝ помагате само на неа, туку и на самохраниот татко, кој се обидува да стори сè што е потребно за да го спаси животот на својата ќерка, а му помагате и на нејзиниот 12-годишен брат, кој го гледа страдањето на неговата сестра и не може да стори ништо за да го запре, ќе помогнете за враќањето на надежта на семејството“.
Парите се донираат на линкот http://www.gofundme.com/donate-for-bile-cancer-treatment. Акцијата е почната на 20 декември и досега од 35 донатори се собрани 1.635 долари.