Данската Влада намени милион дози вакцини, по 250.000 дози како донација за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, и Косово, како и уште милион дози вакцина „Астра Зенека“ за меѓународниот механизам за дистрибуција на вакцините КОВАКС, соопштија од Данската амбасада во Белград.
Во моменталната епидемиолошка ситуација, како што наведуваат, данските здравствени власти ја вклучија вакцината на производителот „Астра Зенека“ како изборна. Бидејќи побарувачката за оваа вакцина е многу ограничена, данските власти одлучија да ја поделат порачаната количина вакцини „Астра Зенека“ со земјите на кои им е потребна.
Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои не се испорачани сѐ уште. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.
Министерот за надворешни работи на Данска Јепе Кофод по тој повод изјави дека Балканот има значаен недостиг на вакцини, што истовремено оптоварува некои заедници, но и го зголемува ризикот од нови жаришта.
-Драго ми е што можеме да излеземе во пресрет и да им помогнеме на нашите блиски партнери со ова апсолутно неопходно оружје против пандемијата, односно со вакцините. Западниот Балкан е дел од нашето непосредно соседство и имаме силен заеднички интерес да се држиме заедно и во пандемијата, вели Кофод. (МИА)