четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ден на планетата Земја: Да го зачуваме тоа што е останато и да го поправиме тоа што е веќе уништено

Ден на планетата Земја: Да го зачуваме тоа што е останато и да го поправиме тоа што е веќе уништено

Климатските промени повеќе не се некоја мисловна именка, туку се наша сурова реалност. Екстремно топли лета, поларни зими, невремиња од разурнувачки размери, поплави, суши, па дури и пандемиите, како таа со Ковид-19, се само дел од пораките кои природата ни ги испраќа дека нешто не е во ред, односно дека е уништена хармонијата со која природата и човештвото живееле со години. Климатските промени не се ништо друго, освен одговор од природата за уништувачките дејствувања на човекот.

Претседателот на локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија, Ѓорги Селков за МИА истакна дека со оглед на тоа што планетата Земја, како наш заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатски промени и опаѓање и уништување на биодиверзитетот, треба да дејствуваме во насоки на мобилизирање на поединците, бизнисите и владите да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите.

– Ја предизвикавме природата на двобој, без да размислуваме за последиците, а пред нејзината моќ и боговите молчат, нагласува Селков.

За жал, како што додава тој, експертите и бројките велат дека враќање назад нема, но доколку дејствуваме сега, можеме да го зачуваме тоа што е останато и да се фокусираме како да го поправиме она што е веќе уништено.

Како и климатските промени во минатото и намалувањето на биодиверзитетот се чини како апстрактна именка, но ова, според Селков, треба да се промени.

– Биодиверзитетот пронајден на Земјата денес се состои од многу милиони различни биолошки видови, производ од четири милијарди години на еволуција. И ние со нашето дејствување на некој начин го попречуваме нивното живеење на планетата, наведува Селков за МИА.

Тој смета дека заштитата на биодиверзитетот на планетата е клучна за постигнување на нашата цел за здрава, одржлива и климатски отпорна иднина за сите. Биолошката разновидност, посочува, е од суштинско значење за храната што ја јадеме, водата што ја пиеме и воздухот што го дишеме.

– Нашата планета се затоплува, шумските површини се намалуваат и нашите океани умираат и сето тоа е поради човечката активност. Губењето на биодиверзитетот се случува во близина на секој од нас во многу поголем размер отколку што мислиме. Ако сега не реагираме на намалувањето на биодиверзитетот, нашите градови би можеле да исчезнат под вода, цените на нашата омилена храна би можеле да се зголемат и слично, потенцира Селков.

Оваа 2022 е важна година, затоа што светските лидери повторно ќе се соберат на заедничка маса, на Конференцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност (CBD COP15) која претставува децениска можност да се состанат и да се договорат за силна рамка за биолошка разновидност која ќе го запре и ќе го промени губењето на природата до 2030 година.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за МИА нагласуваат дека е потребно активирање на сите граѓани, но и соработка на сите општествени чинители на национално и локално ниво, вклучувајќи го граѓанскиот сектор, училиштата и секој поединец за да се преземе акција која ќе помогне во заштитата на природните богатства и ублажувањето на климатските промени, давајќи придонес кон глобалната заштита на животната средина.

– Обврската да го заштитиме нашиот дом е на сите нас, да ги цениме даровите од природата, да не го нарушуваме природниот баланс, да преземаме позитивни активности со кои и луѓето и планетата ќе напредуваат и ќе се развиваат, да ги прифаќаме новите „зелени политики“, „зелените“ урбани решенија и технологии, и, секако, да ја зголемуваме свеста за оваа проблематика кај најмладите, бидејќи тие се оние на кои им го оставаме нашиот прекрасен планетарен дом, порачуваат од МЖСПП.

Според Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, климатските промени и глобалното затоплување се состојби кои веќе не можеме да ги спречиме, но можеме да вложиме напори температурите да не продолжат да растат со галопирачко темпо.

На глобално ниво, како што посочува таа за МИА, намалување на температурите од само 1,2 степени Целзиусови ќе овозможи и во нашата земја да имаме попријатна пролет, а летните горештини да бидат поподносливи и под 45 степени.

Во таа насока, додава Чоловиќ Лешоска, не само надлежните, туку сите имаме улога во намалувањето на ефектот на климатските промени и глобалното затоплување.

– Еко-свест од неодамна започна со спроведување на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ преку кој во следните две години ќе ги поттикнуваме граѓаните и општествените чинители на акции за климата на локално и национално ниво. Потребно е секој од нас да сфати дека немилосрдното уништување на природните реткости, искористувањето на ресурсите значи на долг рок самоуништување, вели Чоловиќ Лешоска.

Пораката што ја испраќа е дека луѓето треба да се свртат кон себе си и природата многу почесто и да сфатат дека немилосрдната сеча на шумите, непланското управување со водотеците, реките и езерата, како и претераната употреба на фосилните горива значи темелно уништување. Нашите сегашни акции и поведение значат како ќе живеат идните генерации и нашите деца утре.

„Инвестирај во нашата планета“ – тема на овогодишното одбележување на Светскиот ден на планетата Земја

Темата на овогодишното одбележување на Светскиот ден на планетата Земја е „Инвестирај во нашата планета“ и се фокусира на забрзување на решенијата за борба против најголемите светски закани како што се климатските промени.

Од МЖСПП за МИА велат дека за намалување на најголемите светски закани потребно е да бидат вклучени сите засегнати страни – владите, граѓаните и компаниите, односно секој во рамки на своите можности да придонесе за надминување на глобалните закани, бидејќи тие закани се глобална одговорност на сите нас и сите можеме да придонесеме за нивно намалување за да направиме што поуспешна транзиција кон попросперитетна и одржлива „зелена“ економија насекаде во светот.

– Целта на кампањата е светот да се оттргне од економија придвижувана од фосилни горива и стари технолошки процеси и да се пренасочи кон креирање на економија на 21-от век, која го има предвид здравјето на нашата планета, значи е одржлива и во исто време ги заштитува природата и сите животински видови, создавајќи еднакви можности за сите за креирање на одржлив рамномерен економски раст и развој, посочуваат од МЖСПП за МИА.

Кампањата воедно е фокусирана на забрзување на овие активности, но и на конзервацијата на природата која не зближува сите нас луѓето и сите ние мораме да разбереме дека само со заеднички ангажман можеме да ја постигнеме оваа цел, секако доколку заеднички делуваме во интерес на планетата и на сите нејзини жители.

Изминатите две години, поради пандемијата, Денот на планетата Земја беше одбележан во хибриден облик, односно со активности во физички облик, но претежно преку социјалните медиуми.

– Благодарение на развиената дигитална социјална мрежа, пораките, советите, идеите и искуствата околу справување со еколошките проблеми со кои се соочуваме, од климатската криза, преку загадувањето на околината и воздухот, па сѐ до уништувањето на шумите, стигнаа до широката јавност, посочија од МЖСПП.

Но, како што додаваат, големо влијание може да се постигне и со конкретни акции со физичко присуство кои ќе се изведат денеска, а кои се поддржани од државните институции и големите компании, кои ќе ја зголемат свеста на луѓето за заканите во животната средина и ќе покажат дека само со локални напори може да се сочува здравјето на нашата планета.

Во однос на глобалното затоплување, кое последните децении станува се позагрижувачко, од Министерството посочуваат дека Владата го усвои ревидираниот национално определен придонес кон Парискиот договор со кој нашата земја се обврза за намалување на емисиите на стакленичките гасови до 2030 година за 51 отсто или изразено во нето емисии 82 отсто.

– Оваа амбиција е базирана на научни анализи, со кои се идентификувани 63 мерки и активности кои се потребни за да се исполни оваа цел. Дополнително, неодамна беше усвоена и националната долгорочна стратегија за климатска акција со акциски план до 2050, со што предводиме како една од земјите со јасно дефинирани политики во областа на климата, велат од МЖСПП за МИА.

Република Северна Македонија, исто така, во согласност со усвоените климатски политики, изрази поддршка на иницијативите за глобална заедничка акција во полето на транзиција кон чиста енергија, напуштање на јагленот и управувањето со шумите и земјиштето.

– Нашата држава се има приклучено кон иницијативата за ограничување на емисиите од метан, кои веќе беа анализирани во рамките на подготовката на нашиот Национално определен придонес, посебно во областа на управување со отпадот и сточарство, како и глобалната иницијатива за „зелени влади“, додаваат од МЖСПП.

Здружението Еко-свест смета дека треба да излеземе од претходните навики и матрица дека планетата Земја е важна само на 22 април кога всушност е нејзиниот ден. Нивните заложби се на градење свесност и акции преку кои ќе се променат навиките и поведението секојдневно и на долг рок.

– Всушност, грижата за планетата треба да биде исто како и грижата за нашето здравје – секојдневна. Од друга страна, пак, радува тоа што состојбата со пандемијата од Ковид-19 полека стивнува и годинава можеме да се вклучиме со повеќе активности и физички, но истовремено не гледаме дека освен граѓанскиот сектор, другите релевантни институции имаат некакви поголеми активности, можеби и поради верскиот празник и неработните денови, додава Чоловиќ Лешоска.

Најнови вести