На еден ден пред официјалниот почеток на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ја започна Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ), додека партиите во согласност со препораките за спречување на ширењето на корона вирусот пред се насочуваат на прес-конференции и онлајн пропаганда.
ОДИХР вчера информира дека започнала со Специјалната мисија за проценка на изборите, како продолжение на мониторинг на изборниот процес што започна со Мисијата за набљудување на изборите (МНИ) што беа предвидени за 12 април, но беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.
Канцеларијата соопшти дека цел на Мисијата ќе биде проценка дали изборите се во согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство, при што нејзините набљудувачи ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите и на кандидатите, активности во кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови, како и квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања.
– Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес и ќе разговара за своите наоди на прес-конференција. Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес, информира ОДИХР.
На првиот ден од Мисијата, нејзина делегација предводена од шефицата Лаима Андрикине имаше средба со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на која беа разгледани сите активности што ќе бидат преземени за да се овозможи фер и демократски процес, како и заштита на сите учесници на изборите, имајќи ги предвид специфичните околности што ги предизвика Ковид-19.
ДИК соопшти дека е отворена за соработка и ги покани претставниците на Мисијата на ОДИХР да учествуваат во сите активности што ќе ги презема Комисијата согласно законите, прописите, протоколите и транспарентноста, со цел да се обезбеди успешен изборен процес.
Мисијата на ОДИХР се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес. Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, ОДИХР најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и на Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи, но ваквата мисија е суспендирана поради корона кризата и ограничувањата на патувањата.