На платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе се одржи целодневниот настан „Ден за кариерен развој“ во организација на УКИМ и THRIVITY. На отворениот настан за студентите, ќе учествуваат етаблирани компании од земјава и странство кои ќе имаат можност да ги презентираат своите можности за вработување и практикантство за време и по завршувањето на студиите.
-Интерактивниот настан ќе трае осум часа, а програмата ќе биде исполнета со панел дискусии и кратки мотивациски обраќања кои ќе ги поттикнат, насочат и ќе им помогнат на студентите во нивниот иден кариерен развој, информираат организаторите.
Теми на панелите се „Важноста на практикантството и подготовка за прво вработување на студентите“, како и „Хибридни професии – новата реалност за младите и компаниите“
Со свои штандови на настанот ќе се претстават повеќе од 25 компании, меѓу кои: Алкалоид, Раде Кончар, Филип Морис, Реплек, Скопска Пивара, Еуроникел, Мак Прогрес, ПроКредит Банка, НЛБ Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Лакталис, Gerresheimer, Индитекс, Van Hool, Slice, TaskForce, Нелт, Вива сокови, Веста дрогерија, Варус/Бионика, Рамстор, Адинг, Џонсон Мети, DS Smith, Тиквеш, Макстил и British American Tobacco.
Покрај штандовите на компаниите, на самиот настан ќе има и претставници од Асоцијацијата на кариерни советници кои ќе им помогнат на студентите да изработат професионално CV и кои ќе се достапни за непосреден разговор и кариерно насочување.