Во земјава денеска организираме и спроведуваме изборен процес. Се тече како што треба и е во ред. Со шпекулации од дневно – политички карактер ниту сакам, ниту имам намера да се занимавам, рече претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со наводни списоци што се појавиле на руски сајтови.
На прес-конференцијата за излезноста до 15 часот, Деркоски појасни дека новите осум приговори што пристигнале до ДИК се однесуваат главно на гласачи кои немале важечки документ и ги немало во избирачкиот список.
Во однос на избирачкото место во Рамни Габер, Студеничани, кое не беше отворено навреме, Деркоски ја повтори информацијата што претходно ја кажа портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска, дека според извештајот на ОИК се работи за револт на граѓаните кон локалната власт.
-Од тие причини избирачкото место не беше отворено повеќе од три часа. Согласно Изборниот законик таму не може да се одржи гласањето, рече претседателот на ДИК.
Некои од новинарските екипи се пожалија дека не можеле да го проследат гласањето на избирачки места зашто им биле барани акредитации, на што Деркоски беше дециден дека со тоа и практично се покажуваат слабостите на нашиот избирачки систем.
– Се покажува на дело најголемата слабост на нашиот избирачки систем и на избирачките одбори од почетокот на кампањата и распишувањето на изборите. Сите ОИК добија насока дека акредитациите од медиумските куќи се доволни за присуство на избирачките места кога станува збор за домашните медиуми. Акредитации се потребни само за странските новинари. Испечативме прирачници, снимивме видео прирачници и извршивме обуки максимално транспарентно, но не сите си ја сфаќаат одговорно задачата. Се знае точно што и како може да се прави на избирачкото место. Доволно е да се отвори прирачникот што стои на бирото, потернцира Деркоски.