Отворањето на датумот за преговорите за Македонија не значи директен прием на државата во Европската Унија. Најмакотрпната работа за нашата држава започнува со исполнување на европските стандарди, за тоа сме многу свесни и токму таа можност ја посакуваме. Интеграцијата во ЕУ е сериозен, долг процес што бараме да го започнеме, истакна министерката за правда Рената Дескоска во обраќање на сесијата посветена на Глобалната безбедност во медитеранскиот регион во рамки на 30. издание на Кран Монтана форумот во Женева.
Голем број држави што ги започнаа преговорите со ЕУ, посочи Дескоска, беа далеку помалку подготвени од Македонија во моментот, држава која не бара брз влез во ЕУ – само шанса и поддршка во демократските реформи.
Како што соопшти Министерството за правда, Дескоска истакнала дека државава важела за една од најнадежните поранешни југословенски републики во поглед на евроинтеграцискиот процес, но оти останала заглавена во чекалната на ЕУ, најмногу поради проблемот со името.
-Во 2009 мојата држава доби позитивен извештај од Европската Комисија со препорака за започнување на преговорите, но потребно беше да се реши проблемот со името. Чекањето се одрази доста негативно врз мојата држава – следеше тешка политичка криза и формирање на нова влада на која и беше јасно посочено дека влезот во ЕУ и НАТО е условен со решавање на споровите со соседите, рекла Дескоска.
Спорот со името е решен, дополнила, но преостанува Европската Унија да ги отвори преговорите со Република Македонија, што всушност и беше мотивацијата за решавање на долгогодишниот спор со Република Грција.
-Придобивките од овој договор денеска не ги чувствуваат само нашите две држави, туку регионот и цела Европа, но потребно е заокружување на овој процес. Промената на името беше направена за интеграција во Европската Унија, не за повторно да останеме без перспектива. Промената на името пред граѓаните на мојата држава беше направена со ветување дека европерспективата на нашата држава е загарантирана – а не дека ќе следи повторна блокада. Македонија не може да се смета за успешен пример ако не успее во исполнувањето на својата цел – евроинтеграција, истакнала Дескоска.
Ненаградувањето на напорите на Република Македонија исто така, според министерката Дескоска, испраќа лоши пораки за спорот со Србија и Косово. Тому затоа министерка посочила дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион – порака дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните.
Во однос на усогласувањето на домашното законодавство со европските стандарди, министерката Дескоска истакна дека во процесот на менувањето на законите од областа на правосудството и борбата против корупцијата, земјата е во постојана комуникација со Венецијанската комисија и Европската Комисија, што ја држи земјата на вистинскиот пат. (МИА)