Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 57-ма седница го усвои финансискиот план за распределба на средства за изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Општина Центар Жупа и членови на Совет на Општина Тетово за изборите кои ќе се одржат на 20 август 2022 година.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, појасни дека во финансискиот план се планирани вкупно 21 275 800 денари приходи за реализирање на изборите.
-Поголемиот дел од овие средства или 16,34 милиони денари се наменети за платно политичко рекламирање, додека пет милиони денари се предвидени за реализирање и организирање на изборите, изјави Шеху.
Останатите средства ќе бидат наменети за печатење изборен материјал, набавка на заштитни вреќи и плика, транспорт на доверлив и недоверлив гласачки материјал, изработка на легитимации и беџови за изборната администрација и овластени претставници и набљудувачи и друг материјал неопходен за изборите.
ДИК, во рамки на седницата, исто така го усвои и изменетиот годишен план за вкупни потреби за јавни набавки на ДИК за 2022. Целокупната постапка за јавни набавки над 60 илјади денари, согласно закон, ДИК ќе ги спроведе преку електронскиотс истем за јавни набавки.