Најголемиот проблем кој оваа влада го прави, е тоа што во континуитет се задолжува, а во исто време не сакаат да погледнат во трошоците кои ги прават, и да видат што може да се намали, а простор за намалување на трошоците има. Имено имаме повеќе од 300 милиони евра во разни расходи, за кои треба да се погледне каде одат, рече Гордана Димитриеска Кочоска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при посетата во ОК Ѓорче Петров.
Таа кажа дека ако се погледнат прогнозите за јавниот долг до 2026 година, состојбата е многу тешка. Кочоска потенцира дека новите задолжувања кои што ќе доаѓаат ќе бидат со повисоки каматни стапки.
Кочоска го повика министерот да крати на трошоци, и да не се дозволи јавниот долг во 2023 година, како што е напишано во прогнозите да достигне 65.9%, бидејќи тешко ќе се враќа истиот, особено ако се земе во предвид фактот дека продуктивноста во Македонија паѓа, народот се иселува, а фирмите работат катастрофално.
Немаме инвестиции во приватниот сектор кои што се подлога за еден подолгорочен, постабилен развој на компаниите, а тие се тие кои го генерираат приходот во буџетот, така да не гледам некое добро сценарио, рече Кочоска, потенцирајќи уште еднаш дека мора да дојде до кратење на трошоците.