Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков преку статус на Фејсбук пишува дека нема крај на понижувањата за нив Македонците од Егејска Македонија, од страна на СДСМ.
„Нема крај на понижувањата за нас Македонците од Егејска Македонија, од страна на СДСМ.
По моето обраќање во 2019 година за неписмениот министер, кој за среќа не може да прави повеќе штета на македонскиот народ од позиција на министер, сега за жал Македонија доби неписмена министерка. Имено заменик министерот за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ во нејзиното гостување на телевизија 24, нас Егејците не спореди со малцинствата во Македонија како посебна заедница која би требало да се впише во Уставот…
Вие во власта очигледно имате проблем со се она што е македонско, ние Егејците сме нераскинлив дел од Македонскиот народ, ние не сме посебна заедница ние сме Македонци….
Ако имате храброст и доблест можеме заедно да ги посетиме Егејците кои живеат во Македонија, а и оние кои живеат во Егејска Македонија за да се уверите дека тие не се ништо поразлични од Македонците кои живеат во Македонија, Бугарија, Албанија, Србија и Косово, ние Егејците зборуваме на македонски јазик и пееме македонски песни затоа што сме пред се Македонци.
Дали вашата изјава е резултат на Преспанскиот договор со која правите разлика помеѓу Македонците во Република Македонија и Егејска Македонија треба да и објасните на целата македонска јавност.
Ние Македонците од Егејскиот дел на Македонија покрај голготите кои ги поминавме низ историјата, сега сме повторно изложени на понижувања од страна на ваквите неписмени функционери од Македонија.
Најостро го осудувам начинот на кој ние Егејците сме претставени како различен народ од Македонскиот и барам јавно извинување од страна на заменик министерката за правда“, стои во неговиот пост на Фејсбук.