четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Димовски: Заев сака спротивно на закон да стане министер и да се добере до народните пари

Димовски: Заев сака спротивно на закон да стане министер и да се добере до народните пари

Зоран Заев е во тотален хаос, а со тоа ја турка и државата во калта во која самиот се валка, ова денеска на прес-конференција го истакна Димитар Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дозволете хронолошки да ги разјасниме сите апсурди во кои западна Заев во едно деноноќие. Прво кажува – Јас влегувам во последната фаза само во конечната реализација на програмските определби. Следуваат доста решителни и храбри чекори и јас треба да ги носам тие одлуки и затоа влегувам со својот кредибилитет за да одржиме економска лекција. Согласно член 44 став 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, во чие изготвување учествуваше и оваа влада и кој беше изгласан во Собранието пред само неколку месеци е децидно дека двете функции премиер и министер се неспоиви. Требаше време Заев да се соочи со нормативите. После еден ден Заев се пишмани и се соочи со фактите кој го менуваат ставот па даде налог до неговиот кабинет да пушти предлог за повлекување на кандидатурата на Зоран Заев за министер за финансии. Ова е уште една класична епизода од психолошкиот трилер на кој сме сведоци  Зоран против Заев. Повлекувањето сепак не го направи оти е чесен, туку затоа што беше фатен во кршење на законот и наиде на силна осуда од јавноста и од самите  експерти. Ова да не е трагично би било навистина премногу смешно. Премиерот Заев кој е опкружен со стотина советници, со министерката за правда, Рената Дескоска која е професор во областа на уставното право и политичките системи си игра како дете бивам-небивам министер за финансии, потенцира Димовски.

Тој додава дека Заев не застанува тука, туку продолжува да бара модус операнди во негов стил, па во Собранието потоа кажува дека сепак ќе раководи со министерството за финансии до избор на нов министер. И овој негов обид да се добере до сите овластувања во секторот финансии и над 10 други институции кои потпаѓаат под овој сектор, е повторно незаконски.

-Имено согласно член 13 од Законот за Влада на кој и самиот Заев се повикува во својата намера да загосподари во целост со народните пари, се уредува работата на позицијата министер и се вели дека Министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи. Патем Министерството за финансии има заменик министер кој согласно истиот Закон за влада го заменува членот на Владата со сите негови права , должности и одговорности. Ова значи дека Заев како премиер согласно член 11 став 2 може само да го насочува дејствувањето на Владата во целина и на нејзините членови, во согласност со програмските определби и насоките што таа ги утврдува. Ова право и досега и отсега му стоело на располагање, па не видовме никаков успех во економијата во Македонија, туку напротив една голема сериозна катастрофа. Заменикот значи полноправно ќе го заменува министерот, а Заев како и досега неспособно ќе дава општи насоки. Тоа што Заев влезе во правна авантура да го разреши министерот за финансии, доволно говори за неговата несериозност и неодговорност кога се работи за едно од најважните, ако не и најважното министерство во државата. Законите во Македонија не познаваат термин вршител на должност министер за финансии. Законите не дозволуваат од формално правна смисла Заев да биде потписник наместо министерот за финансии и да кумулира јавни овластувања. Со други зборови се е исто во оваа неспособна и недоговорна влада на чело со Заев, само од денеска Тевдовски ќе го нема. Ако Заев постапува спротивно на законот тогаш султанот Заев ќе потврди дека по секоја цена сака да се добере до народните пари и на тој начин ќе го спроведува принципот Евро за вицето директно од буџетот на државата, завршува Димовски.

Најнови вести