петок, 22. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

До добивање официјални препораки, Астра Зенека ќе ја примаат само македонски граѓани постари од 60 години

До добивање официјални препораки, Астра Зенека ќе ја примаат само македонски граѓани постари од 60 години

Националната техничка работна група за Ковид-19 вакцинација при Министерството за здравство соопшти дека ги следи сите информации во однос на ефикасноста и безбедноста на сите вакцини, вклучително и на вакцината на „Астра Зенека“.

-Во тек на вчерашниот ден беа разгледани ставовите на Германија и Канада, чии здравствени регулаторни тела одлучија оваа вакцина привремено да ја користат само кај популација постара од 60, т.е. 55 години, стои во соопштението.

Овие одлуки ги темелат на појава на многу ретки случаи на згрутчување на крвта, вклучувајќи и ретки случаи на тромбоза на церебрален венски синус кај лица кои ја примиле вакцината на „Астра Зенека“.

Во моментов од страна на ЕМА и СЗО нема промена на официјалните препораки во однос на возрасните групи кои може да ја примаат вакцината на „Астра Зенека“. Засега најголем број европски држави продолжуваат со вакцинацијата на цела популација со вакцината на „Астра Зенека“, стои во соопштението.

Имунизација со „Астра Зенека“ во нашата земја почна денеска за граѓаните над 77 години и ќе се одвива според националниот план за вакцинација.

Од Национална техничка работна група за Ковид-19 вакцинација посочуваат дека внимателно ќе ја следат состојбата и новите информации во однос на употребата на вакцината на „Астра Зенека“, а како мерка на претпазливост во следните денови до добивање на официјални препораки и ставови, вакцината на „Астра Зенека“ во нашата држава ќе се употребува само кај популација постара од 60 години.

Бенефитот од вакцинацијата неколкукратно е поголем од ризикот на истата и вакцините остануваат единствен начин за сузбивање на пандемијата. Досега од вакцината на „Астра Зенека“ се дадени над 15 милиони дози и бројот на несакани реакции е изворедно мал, стои во соопштението.  (МИА)

Најнови вести