среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Добиен првиот меѓународен „Impact Factor“, ФВМС ја потврди својата лидерска позиција во науката во Македонија

Добиен првиот меѓународен „Impact Factor“, ФВМС ја потврди својата лидерска позиција во науката во Македонија

Научното списание и официјална публикација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Macedonian Veterinary Review” успешно го заврши процесот на евалуација кај престижната Clarivate Analytics – Web of Science Core Collection и го доби својот прв Impact Factor (фактор на влијание) според Journal Citation Reports™ (JCR) за 2023 година.

– Постигнат е извонреден успех во полето на науката на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје што сериозно ќе влијае на развојот на научниот помладок и севкупната науката во нашата држава и дека е еден од лидерите во областа научните достигнувања во државата и пошироко и влијае на севкупните постигнувања на државата при рангирањето во светските научни бази, истакнува деканот проф. д-р Лазо Пендовски, главен и одговорен уредник на списанието.

„Macedonian Veterinary Review” е третото научно списание во Република Северна Македонија кои имаат IF (фактор на влијание), од вкупното 6-те индексирани списанија на Clarivate Analytics. Едното е научно списание на МАНУ (Balkan Journal of Medical Genetics) а другите две (Macedonian Veterinary Review и Macedonian Journal оf Chemistry аnd Chemical Engineering) се списанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Земајќи во предвид дека главните уредници се професори на УКИМ, слободно може да се каже дека сите списанија во државата кои имаат фактор на влијание се управувани и развивани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје а со тоа уште еднаш се покажа дека најголемиот и најстариот универзитет е единствениот од нашата држава кој е двигател на науката на Македонија во светски рамки.

Интересно е што оваа година позитивно се евалуирани приближно 21.500 висококвалитетни академски списанија од над 250 научни и истражувачки дисциплини од 112 земји од целиот свет. Journal Impact Factor™ (JIF) е доделен само на списанија кои ги исполниле 24-те ригорозни критериуми за квалитет применети при евалуација од странски експерти односно само 15% од списанијата кои се оценети и поминале оваа висококвалитетна селекција. Токму меѓу нив е и Macedonian Veterinary Review како официјална публикација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

-Impact Factor™ е развиен како алатка за мерење на квалитетот и перформансите на научните списанија, а истражувачите од целиот свет го користат за да идентификуваат соодветни списанија за објавување на нивната научна работа. Impact Factor™ дефинира број на цитати на едно списание добиени за трудовите објавени во претходните две години поделено со вкупниот број на објавени научни трудови во претходните две години. Тоа е особено важно ког некој труд кој е цитиран од други научници што ја покажува неговата релевантност и придонес во научниот свет, појаснува проф. д-р Пендовски.

Тој додава дека списанието Macedonian Veterinary Review се објавува на англиски јазик и ги опфаќа сите научни и технолошки аспекти на ветеринарните науки и другите биомедицински области а е наменето за научници и истражувачи кои работат во истражувачки институти, универзитети и високообразовни институции. Индексирано е во повеќе од 45 научни бази меѓу кои Web оf Science, Scopus-Elsevier, EBSCO, DOAJ, Agricola….итн), едно од првите списанија кое ги посигна етичките принципи на публицирање и затоа е членка на COPE (Committee on Publication Ethics) а денес ко-публицира со издавачката куќа SCIENDO која е дел од германската издавачка куќа De Gruyter.

Најнови вести