вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Додека стопанството тоне, фирмите на блиските луѓе до власта експресно наплаќаат милионски суми

Додека стопанството тоне, фирмите на блиските луѓе до власта експресно наплаќаат милионски суми

Државата во неколку наврати се покажа дека за некого е мајка за некој друг маќеа. Таков е и случајот со македонското стопанство. Додека фирми чекаат со месеци за наплата, а во некои случаи и со години и додека Владата предводена од Зоран Заев молат за државна помош за да можат да им исплатат плати на вработените, фирми на луѓе блиски до власта експресно наплаќаат милионски суми евра од државата.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев си наплати експресно 3.62 милиони евра за модуларни болници кои неговата фирма „Брако“ ги поставува во склоп на општите болници низ земјата, во кои треба или веќе се сместуваат пациенти заболени од корона вирус.

Компанијата „Брако“ веќе го наплатила поголемиот дел од монтирањето на модуларните болници и нивното опремување, откако преку посебна сметка за итно справување со Ковид-19 на Министерството за труд и социјална политика веќе му се префрлени 3,62 милиони евра на добитникот на меѓународниот тендер, објави Фактор минатата недела.

По добиено одобрување од Светка банка, на истекот од минатата година, со велешката компанија беа потпишани два договори за набавка на модуларните болници и за набавка на мебел и немедицинска опрема.

На ова реагираа и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека уште незавршено поставувањето на сите модуларни болници, Анѓушев веќе наплатил 3.62 милиони евра додека бизнисите и граѓаните трпат и со месеци наплата.

„Додека бизнисите на граѓаните трпат и чекаат со месеци наплата, додека нема поврат на ДДВ, велешката „Брако“ на Кочо Анѓушев експресно наплатила 3.62 милиони евра. Имено вкупната вредност на договорот за изградбата на модуларните болници која го добила фирмата на Анѓушев е 4.5 милиони евра, а Анѓушев до сега се наплатил со префрлање на пари од посебна сметка на Министерството за труд и социјална политика во износ од 3.62 милиони евра. Се уште не се завршени сите модуларни болници, односно активности се во тек на болниците во Ресен и Тетово, но Анѓушев веќе наплатил 3.62 милиони евра“, истакна вчера Миле Левков.

Ова не е единствен случај каде што фирми на луѓе блиски до власта во време на длабока економска криза, кога стопанството е, слободно може да се каже на „респиратори“, наплаќаат од државата милионски суми евра.

Имено на крајот на минатата кризна 2020 година, на нафтената компанија Макпетрол, која е блиска до владејачката СДСМ, со закон донесен во Собрание, власта му исплати 33 милиони евра. Парите се исплатени за спорот меѓу државата и приватната нафтена компанија околу тоа чиј е гасоводот „ГА-МА“. Со 62 гласа „за“ и 30 „против“ беше донесен Закон со кој државата станува целосен сопственик на гасоводот на тој начин што за 32.773.905 евра ќе го откупи делот на „Макпетрол“ во заедничкото претпријатие АД „ГА-МА“.

И тогаш реагираше опозицијата каде што остро го нападнаа и се спротивставија на договорот, односно законот со кој на компанијата, во услови на економска криза, кога над 60 илјади граѓани ги изгубија работните места, илјадници фирми банкротираа и затворија, и народот живее во се поголема сиромаштија.

„Штетниците од власта треба да живеат со сознанието дека наместо 33 милиони евра во Макпетрол, можеа да дадат пари на 55 илјади граѓани, онолку колку што работни места се загубија во времето на кризата, родители, мајки и татковци кои своите деца ќе ги остават без насмевка и пакетче за оваа нова година. За жал овие деца поради овие 33 милиони евра на Заев ќе останат без право на новогодишна желба“, меѓу другото стоеше во реакцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

И од коморите, уште на почетокот на пандемијата со корона вирусот, кога се носеа државните пакети економски анти кризни мерки, реагираа и апелираа Владата да им ги исплати парите кои што ги должи на стопанството. Членовите на Стопанската комора на северозападна Македонија велеа дека тие не бараат милостина од Владата, туку дека само ги сакаат парите кои што државата треба да им ги плати за разните услуги кои тие ги извршиле, за да можат да ја пребродат кризата.

Но, пари за стопанствата нема, но за тоа експресно беа исплатени милионски суми за фирмите на луѓето блиски до власта.

Најнови вести