Данокот на имот за недвижен имот кој не се користи подолго од шест месеци во текот на една година, ќе се зголеми за трипати, предвидуваат измените на Законот за даноци на имот, кој денеска е усвоен на владина седница.
Измените ќе важат од 1 јануари 2022 година, а законот ќе оди во редовна постапка. Целта е, како што информира владината прес- служба, да се обезбеди прогресивно, праведно одданочување.
– Со Предлог-законот се предвидува позитивно влијание врз буџетот на Единиците на локалната самоуправа бидејќи со повеќе пропишаните стапки се зголемуваат и се утврдуваат состојби во кои данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во поимникот, кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи, подолго од шест месеци во текот на една година, да се зголеми за три пати во однос на стапките пропишана со законот, се наведува во соопштението од Владата.
Доколку државата, општините, Градот Скопје и општините во него, како и физичките и правните лица не го пријават недвижниот имот, кој не го користат, ќе платат данок за петпати повисок од пропишаниот.