Се отвора едно многу сериозно прашање: Зошто ние како држава, како здравствен систем се ослонивме на модуларните болници? Ние имаме одредени капацитети по инфективните одделенија, по интернистичките одделенија, каде што можевме да хоспитализираме вакви пациенти на кои им е потребна интензивна медицинска нега.
Ова го истакна доктор Андон Чибишев во синоќешното гостување на телевизија Алфа.
-Јас сметам дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. И требаше од почетокот на пандемијата од февруари-март 2020-та до денес, имаме 4 брана, меѓу брановите кога имавме одредено смирување на епидемиолошката ситуација, требаше да мислат надлежните како да се зголемат инфраструктурно капацитетите. Како да се зголеми стручниот кадар затоа што ние немавме ни доволно инфектолози, ниту луѓе кои се оспособени да третираат такви тешки пациенти, поставени на респираторна машина, рече Чибишев.
Докторот вели дека водењето на пациент на респираторна машина е цела наука.
-Можевме млади доктори да пуштиме на некој интензивен курс, барем колку-толку да ги едуцираме да водат пациенти. Со тоа мислам дека ситуацијата ќе беше многу подобра и ќе имавме помалку штета и помалку изгубени животи, истакна тој.