Стручнни лица денеска ќе направат увид на состојбите во манастирот Трескавец и на црквата „Успение на пресвета Богородица“, а во почетокот на ноември експерт од Грција ќе го проучува големиот проблем што е опасност за црквата – влагата која веќе има направено одредена штета во Црквата.
Директорот на прилепскиот Завод и музеј, Горан Цветкоски очекува да се најде решение за проблемот кој може да нанесе големи штети на непроценливото богатство – архитектурата и фрескоживописот.
– Наидовме на проблеми и мислам дека во наредниот период ќе имаме големо разбирање од Министерството за култура. Пред сѐ, влагата во црквата и во трпезаријата е голем проблем. Затоа ја најавувам посетата на стручни лица од земјава и од странство. Еминентниот грчки стручњак, професорот Препис се очекува да дојде во почетокот на ноември. Се надевам дека со негова помош ќе најдеме некакво решение со кое ќе можеме да почнеме да работиме на заштитата и решавањето на главниот проблем – влагата. За реставрација и конзервација на црквата и на трпезаријата за догодина од Министерството за култура бараме 1,5 милиона денари. Во тек е изработката на основниот проект за конзервација и реставрација на архитектурата, на фрескоживописот на црквата. Веќе е почната превентивната заштита. Од Министерството имаме поддршка, вели Цветкоски.
Отец Калист од манастирот Трескавец се надева дека ќе се забрзаат активностите за заштита на црквата зашто залудни се сите досегашни проекти ако не се забрза динамиката од која не се задоволни.
– Веќе 18 години континуирано имаме проекти за заштита и за истражувачки работи на комплексот Трескавец. Имаме континуирана поддршка од Министерството за култура, но не сме задоволни од динамиката со која се одвиваат проектите. Се надевам дека конечно ќе ги забрзаме работите. Сето досега направено би било бесмислено доколку набрзо не почне со реконструкција, консолидација на црквата, со заштита на фрескоживописот, ни изјави отец Калист.
Што се однесува до изградбата на водоводот и канализацијата до манастирот што е услов за новоизградените конаци да бидат ставени во употреба, само бирократска процедура ги кочи работите.
-Во врска со изградбата на водоводот, обезбедени се средствата проектот е направен повеќе од една деценија, избрана е и фирмата и очекувам за брзо да почне реализацијата. Досегашниот одговор за ова е дека станува збор за бирократска процедура, одговара отец Калист.
Од прилепскиот Завод и музеј потсетуваат дека во последните пет-шест години во манастирскиот комплекс Трескавец се инвестирани преку 2,5 милиона евра од кои најмногу во обновата на конаците. Водоводот е обврска на Општина Прилеп, а одвоените средства се околу 100.000 евра.
Во февруари 2023 ќе се навршат 10 години од катастрофалниот пожар што ги изгоре манастирските конаци. Обновата се одвиваше забрзано, но не може да се стават во употреба зашто не се изградени водоводот и канализацијата. Научнаа фела пролетоска на конференција предупреди дека забрзано треба да се заштити црквата, односно фрескоживописот и архитектурата, а влагата, што признаваат и од Заводот и музеј, веќе има направено одредена штета. За ова се потребни домашни и ангажирање странски експерти.