Сакам да ја известам јавноста по однос на поднесената пријава од моја страна, државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на детската градинка „Росица“, изјави Сашо Донев, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Донев:
Со надзорот се потврдија нашите сомнежи дека Јавното претпријатие Охридски Комуналец нема никаква дозвола издадена од министерството за здравство за вршење на дезинфекција на јавни површини и затворени простории, односно детски градинки и училишта.
Во изминатиов период сме сведоци на прекршување на безброј закони, непочитување на безбедносните и здравствените протоколи. Поради тие причини од инспекторатот му е издадена забрана на Јавното претпријатие Комуналец во иднина да врши дезинфекција на затворени простории.
Исто така утврдено е дека средството кое се користело за дезинфекција на градинката не смеело да се употребува во присуство на луѓе, односно деца. Тоа го потврди со писмен допис и Центарот за јавно здравје од Охрид.
Ги повикувам сите институции кои што се вклучени во овој предмет, да ја истражат работата до крај, и да поднесат соодветни пријави до сторителите.
Ја повикувам и локалната самоуправа на чело со градоначалникот јавно да им се извинат на родителите на децата за загрозувањето на нивното здравје, а потоа да побараат и одговорност од раководните лица од локалната самоуправа кои беа дел од овој немил настан што за среќа заврши без поголеми последици по здравјето на дечињата, истакна Донев.