Денес Македонија се наоѓа во многу незавидна положба. Над Македонија се надвиснати црни облаци, како никогаш до сега, од постоењето на современа и независна Република Македонија. Македонија се соочува со огромен предизвик наречен да се биде или не! Оваа наша генерација, сноси целосна одговорност за сите случувања во нашата држава. Денес е денот кога мораме да си го поставиме прашањето: во каква држава сакаме да живееме и како да го исполниме тоа што и го должиме на Македонија, што си должиме самите на себе и на нашите предци кои ни ја дадоа слободна и независна Македонија на управување. Денес е денот кога треба да се спаси Македонија, денес ние треба да покажеме самопожртвуваност, затоа што само ние и никој друг со нашата безидејност и рамнодушност не донесе до степен на сопствено самоуништување. Утре ќе биде прекасно, денес е денот кога треба да кажеме ДОСТА БЕШЕ!!! Денес треба сите заедно да го кренеме својот глас и да кажеме што сакаме и каква држава сакаме да биде нашата Македонија.
Македонија се наоѓа во многу тешка состојба. Повеќе од една година имаме епидемија како последица на вирусот КОВИД-19. Нашето здравје, нашиот живот не е безбеден, иако тоа е основното човеково право загарантирано и со уставот на Република Македонија. Единствен излез и спас за нашите животи моментално се вакцините за заштита од КОВИД-19, кои што за жал сеуште ги немаме, воопшто не се достапни. Благодарение на Владата на Зоран Заев и Министерот за здравство Венко Филипче, Македонија нема набавено вакцини, немаме заштита од вирусот, а вирусот продолжува со несмалено темпо секојдневно да одзема животи. Жално е секој ден да слушаме нови големи бројки новозаразени и починати, а истовремено во Светот вакцинацијата се одвива со забрзано темпо, плански, по старосни групи на населението. Имаме и држави како Израел кои теѓнеат кон целосно вакцинирање. Нашиот Премиер и Министерот за здравство секојдневно нẻ лажат дека се е под контрола, го гледаат народот во очи и го лажат, додека ние гледаме како наши пријатели и роднини ги губат своите животи.
Основните наши права, здравјето и слободата ги изгубивме, а неспособната власт на Македонија е директно одговорна за тоа. Постојано нẻ лаже и манипулира затоа што е заглавена во своите профити дури и со набавка на вакцините и можноста да манипулира со нас преку мерките за ограничување на движење и вонредните состојби, а сẻ со цел, што подолго да остане на власт. На Зоран Заев и СДСМ им е важен само личниот интерес и сопственото лично богатење на сметка на државата и граѓаните.
Најголемото богатство од Бог дадено е човек да се роди слободен и слободно да живее. Ние денеска сме должни да носиме маски, ние денеска немаме право кога сакаме и каде сакаме да се движиме, ние денеска сме оттуѓени едни од други поради страв и неизвесност за нашите животи. Економската слобода ни е одземена, слободата да работиме, да твориме и да се надградуваме. Наместо Македонија да се развива економски, интелектуално и културолошки, ние денес тонеме, амбисот пред нашите очи не се догледува, владее страв за нашата иднина и што ќе биде утре. Економска катастрофа е благ збор со кој може да се опише економијата во Македонија. Секојдневно слушаме изјави од бизнис заедницата како бара помош од државата, јавно кажуваат дека оваа Влада нема капацитет и знаење и бараат “Експертска Влада” под итно за брзо санирање на штетите и акциски план за помош на стопанството.
Владата на Македонија мора да се надмине себеси, мора да го слушне гласот на народот, да го слушне гласот на бизнис заедницата. Друг пат и избор немаат, треба да се извинат и да се повлечат. Зарем неможат да видат дека иднината на нашите најмили, децата е доведена во опасност? Образованието и неговата функционалност е под знак прашање, ништо не е како што треба да биде, децата се приморани да седат дома и да имаат онлajн настава. Наставниот кадар и учениците се препуштени сами на себе, а голем број на уценици околу 20.000 не се во можност да присуствуваат на онлajн настава. Младина без образование е исто како држава без иднина, дали ова го знае Министерката за Образование Мила Царовска? И ден денес не се потруди да обезбеди таблети и лаптопи за потребите на учениците, и денес се уште немаме решение, можност за тие 20.000 ученици да следат настава. Министерката Царовска наместо да е на ниво на функцијата која што ја извршува, таа се занимава со реформи во образованието со кои се укинуваат предмети се со цел да се задоволат потребите на нашите соседи. Наместо инвестиции во образованието, Министерката инвестира во својот сопруг кој преку град Скопје ќе добие пари за снимање на растенија со помош на дронови. Срамно и жално е ова што се случува.
Морам да ја спомнам состојбата во енергетиката, нашит најголем производител на електрична енергија РЕК Битола е на колена веќе подолго време. Работат само два блока од кои што едниот е постојано пропратен со хаварии за кои што се потрошени десетици милиони за ревитализација и реконструкција, а другиот постојано е на пола капацитет. Опремата за рудниците за јаглен од кои што се снабдува РЕК Битола, е постојано потопена при секој посилен дожд, нарушен е процесот на производството и стабилноста на енергетскиот сектор со што АД ЕЛЕМ мора да увезува струја и да генерира загуби од неколку милиони евра, кои ќе бидат наплатени од народот. АД ЕЛЕМ до ден денес од кога СДСМ се на власт, последниве 5 години немаат реализирано ниту еден проект за производство на електричнаенергија. Напротив, сите проекти оставени од претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги стопираа. Наместо нивна реализација и зголемување на сигурноста на енергетскиот сектор под водство на АД ЕЛЕМ, денес имаме доделување на приватни фирми концесии за нивна изградба и сопственост со што приходите од десетици милиони евра ќе отидат во привати џебови. Соочени сме со разнебитување на енергетската компанија АД ЕЛЕМ, нејзино уништување за нови “бонбона бизниси” на СДСМ какви што ги знаеме од минатото. Затоа почитувани денеска имаме и покачена цена на електричната енергија, бидејќи СДСМ работи за сопствени интереси, а зима од нас.
До кога треба да ги толерираме и да им дозволиме да си играат? Нивните политики се погубни, заглавени се во корупција и криминал. Државата е заробена, Парламентот е нефункционален веќе подолг период и не е во можност да обезбеди кворум за работа. Јас не познавам пример во Светот во услови на блокиран парламент, домот во кој што треба да се носат Закони, во услови на здравствена криза и неможноста да се справат со неа, во услови на економска криза и неспособност да се обезбеди помош на стопанството, кога секојдневно граѓаните ги губат своите работни места, во услови кога секојдневно неможеме да се изнаслушаме од нивните криминални скандали, Владата да не сноси никаква одговорност и да се повлече.
Затоа денес е денот кога треба да им се каже ДОСТА Е!!! Денес е денот кога треба да си одат и да сносат одговорност за се што направија изминатите пет години. Должни сме да им покажеме црвен картон. Македонија има итна потреба од нови политичари кои што си ја сакаат државата, со визија и знаење, а политичари кои ќе работата за нас и нашата иднина.
Пишува: Стевче Антовски