Италијанскиот премиер Марио Драги денеска повика на „итен“ почеток на официјалните пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и побара „забрзување“ на преговорите со Србија и Црна Гора, пренесе Бета.
Во време кога ЕУ го зајакна единството и ја поддржа Украина во борбата против руската офанзива, „целосната интеграција на земјите кои покажуваат европски аспирации не претставува закана за европскиот проект, тоа е дел од неговата реализација“, рече Драги во говор во Европскиот парламент во Стразбур.
Тој рече дека Италија поддржува „итно отворање на преговорите за членство во ЕУ со Албанија и Северна Македонија во согласност со одлуката донесена од Европскиот совет во март 2020 година“.
– Сакаме да им дадеме нов поттик на преговорите со Србија и Црна Гора и да покажеме поголемо внимание на легитимните аспирации на Босна и Херцеговина и Косово, рече уште Драги.
Италијанскиот премиер истакна дека го поддржува влезот на сите тие земји во ЕУ и сака прием и на Украина.
– Треба да го следиме процесот на пристапување што го воспоставивме, но и во тоа треба да дејствуваме што е можно поскоро, рече Драги.