четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ДРЖАВА БЕЗ ВИЗИЈА ВО ГЕОЛОГИЈАТА И РУДАРСТВОТО

ДРЖАВА БЕЗ ВИЗИЈА ВО ГЕОЛОГИЈАТА И РУДАРСТВОТО

Колумна на д-р Костадин Јованов, дипл.инж.хидрогеолог

Државниот завод за ревизија подолго време укажува на состојбата со експлоатацијата на минералните суровини во Република Македонија, дека се наоѓа во целосен хаос.

Според сознанијата во активноста на Државниот завод за ревизија биле вклучени и експерти од областа на рударството (професори од ФПТН Штип или поранешен Рударско Геолошки факултет-Штип), но за жал придонесот на истите во никој случај не може да биде од добробит за државата од едноставна причина што истите се советници во рудниците за метали, вршат технички надзор, проектираат рудници, изготвуваат Елаборати за рудни резерви и сл. Нивните активности се посебно изразени кај концесионерите на рудниците за метали,  кои треба да бидат од посебен економски интерес за Република Македонија.

Хаосот што е настанат, пред сẻ, е заради непочитување и нерегулирање на  професијата. Ние сме единствена држава што не почитуваме професија, факт кој исто така е присутен скоро во секоја пора во геологијата и рударството. Ако може изготвувачи на специјални видови геолошки карти да се без соодветен степен на стручност, ревидирање на такви геолошки карти од кадри без соодветна стручност и без ден работа на изработка на такви видови специјални геолошки карти, се поставува прашањето зошто пак и инспектор, службеник и слично, кога веќе сẻ е пореметено во државата, да има соодветно образование за одредена работа која по сила на закон ќе ја извршува? За возврат граѓаните ја изгубија довербата во рударството, можеби и со право, иако рударството е сегмент кој треба да претставува еден од столбовите за развој на економијата на Република Македонија.

Со непочит на професијата од највисоко ниво прашање е од кого треба да се очекува да ја уреди материјата од областа на геологијата и рударството, ако ние сме единствената земја која нема стратегија, имаме незавршено законодавство од областа на геологијата и рударството, немаме прописи во рударството и упатстава за изработка на специјални геолошки карти.

Иако изнесените наводи од страна на Државниот завод за ревизија се точни, за што подолго време се укажува, засега надлежните се без идеја за преземање на конкретни чекори за подобрување на состојбите во  рударството и геологијата. Факт е дека дел од концесионерите копаат руда надвор и од концесиските простори, да не зборуваме за експлоатационите полиња. Ова се случува од едноставна причина што дел проектанти, професори, инспектори, кај нас, за жал немаат доволно познавање на координатниот систем.

Посебен проблем е плаќањето на концесиски надоместок за експлоатираните количини на минерални суровини. Експертите од областа на рударството точно знаат кој други елементи, покрај Pb-Zn и Cu, Au и Ag се содржани во концентратите, а знаат и кои елементи се вадат во топилниците и ако се направи детална анализа ќе се знае за колку средства овие компании наназад со години ја оштетуваат државата. Исто така треба да се види колку се слеани средства на име на концесиски надоместоци од лужењето на катодниот бакар во рудник Бучим .

За слабата искористеност на елементите во концентратите, во овој современ свет на наука, технологија не треба да се зборува. Хаосот на геологијата и рударството е и поради фактот што засега само Република Македонија нема Стратегија за геолошки истражувања и рударство. Документ преку кој треба да се постави визијата за уредување на геолошката и рударската професија, геолошките истражувања и рационалноста при експлоатацијата на минералните суровини со посебен акцент за трендот на заштитата на животната средина (воздух, вода, почва). Исто така сериозна потреба е конечно да се уреди законската регулатива од областа на геолошките истражувања и рударството, бидејќи засега само кај нас се работи според поранешните југословенски прописи, факт кој не нуди ниту сериозност, а пак да не зборуваме за просперитет.

За наводот во делот на рекултивацијата државата не презема ништо околу формирање на посебен оддел и негово екипирање со соодветни стручни кадри кои сериозно би работеле на изработка на плански и проектни документации за санација, надзор во имплементацијата, поради што настанува занемарување на процесот „рекултивација“ кај дел од концесионерите. Ако внимателно се погледне во предлогот на Законот за измена и дополнување на Законот за минерални суровини, впечатливо е дека надлежниот орган сака да се изземе од обврската за рекултивација и вршење инспекциски надзор над хидројаловиштата, што значи дека кадарот кој е на располагање не може да се справи со овој проблем. Со оглед на причината што истите се потенцијален еколошки ризик, пристапот кон оваа проблематика треба да е од суштинско значење, наместо изземање, со закон задолжување друг орган и се разбира нерешен проблем.

За достоен и одржлив бенефит од рударството во државата, неопходно е целосно негово реорганизирање, почнувајќи од уредување на образованието, почитување на професијата, исполнување на одредени критериуми за вршење на функции, регулирање на геолошките истражувања и воведување на планска, рационална и одржлива експлоатација на минералните суровини.

Најнови вести