Изготвување протоколи за работа за сите дејности без исклучок, овозможување побрз проток на границите и задржување на постојните или склучување нови договори за извозно ориентираните компании и финансиски пообемна поддршка со претстојниот четврти пакет економски мерки, бара Сојузот на стопански комори (ССК).
Како што изјави денеска претседателката на ССК, Данела Арсовска, пред средбата со министерот за економија Крешник Бектеши, неопходно е државата да помогне за да преживее бизнисот, посебно фирмите кои во претходните години вложуваа многу.
-Состојбата е влошена, компаниите секојдневно запаѓаат во долгови, а не отпуштија вработени со надеж дека ситуацијата ќе се подбри, истакна Арсовска.
Според министерот Бектеши, максимално ќе се излезе во пресрет на компаните и веќе се прават проценки кога да се изготви ребелансот на Буџетот со што ќе се обезбедат средства за четвртиот пакет антикризни мерки.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со евентуално затворање на угостителските објекти поради зимската сезона и можноста од проширување на ковид пандемијата, Бектеши реше дека тоа засега не е тема на разговор. (МИА)