Наместо три екстерни и еден интерен, средношколците во завршна година ќе полагаат два екстерни и два интерни испита и проектна задача на државната матура, а согласно со постигнатиот договор со Владата, најдоцна до 5 март треба повторно да ги регистрираат испитите што ќе ги полагаат односно имаат можност да ги променат тие што ги пријавиле.
На средбата со премиерот Зоран Заев, Средношколски сојуз договори да имаат два наместо три екстерни испити, со тоа што третиот екстерен испит се симнува на ранг на интерен, заедно со другиот интерен што веќе го имаат за полагање. Наместо од 29 мај, полагањето на државната матура е одложено за една недела и испитната сесија ќе почне од 5 јуни.
Програмите за екстерните испити ќе бидат скратени и за тоа ќе одлучува работна група составена од претставници од Бирото за развој на образованието, од Сојузот и од наставници номинирани од него, а со работната група ќе претседава претставник од Кабинетот на премиерот. Целиот процес треба да заврши до средината на март.
Со постигнатиот договор се прифаќаат барањата на Сојзуот на средношколци – наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и базата на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања. Ќе се зголеми коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени. Првиот екстерен испит (Мајчин јазик) треба да биде сметан за соодветен од сите високообразовни институции во земјава, а Државниот испитен центар да овозможи Естетика и Филозофија (кои досега беа во листата за третиот екстерен испит) да бидат вториот екстерен за матурантите во средните уметнички училишта.
Ќе се прифати и промена во начинот на добивање на поените за интерните испити, така што предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените, односно подеднакво ќе учествуваат и оценката и просекот. Универзитетите, пак, треба да објават кои од Листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.
Дванаесет дена од почетокот на второто полугодие матурантите организирани од Сојузот на средношколци ја бојкотираа наставата затоа што Министерството за образование и наука одбиваше да го измени концептот на државната матура.
Претставници на Сојузот и нивниот лидер минатиот вторник имаа средба со премиерот Заев на нивно барање, додека во исто време ја чекаа и одлуката во Собранието каде што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог да се измени и дополни Законот за средно образование за да им се исполнат барањата за помалку предмети и кратење на испитните програми.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера, по објавата на договорот со Владата, соопшти дека го почитува ставот на матурантите за постигнување компромисен договор за начинот за полагање на матурата, подвлекувајќи дека тие покажале интегритет, упорност, но и способност за организирање преговори.
Според партијата, решението нецелосно ги поддржува барањата на матурантите кои, како што наведе, „протестираа и изгубија драгоцено време и енергија за на крај Владата, сепак, да попушти – но не докрај да ја испочитува нивната волја“.
-Покрај тешкотиите во школувањето во период на КОВИД-19 пандемија матурантите се соочија и со бесчувствителниот тврд став на ресорната министерка Мила Царовска, која не покажа воопшто разбирање за нив. Како министер којшто дал ветување, Царовска можеше и мораше да ги послуша токму учениците, соопшти опозициската партија.