недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Два месеци доцни студијата за новиот Клинички: Паѓаат ли во вода владините ветувања?

Два месеци доцни студијата за новиот Клинички: Паѓаат ли во вода владините ветувања?

„Паѓаат ли во вода“ владините ветувања за изградбата на нов Клинички? Роковите истекоа, а се уште не се знае колку и од каде владата ќе се позајми за долгонајавуваниот нов клинички центар „да никне“ во Ѓорче Петров. Од кого ќе земеме на заем околу 500 милиони евра требаше да биде познато во мај. Тогаш првиот човек на здравството посочи оти физибилити студијата за новиот Центар, која пак, ја изготвува австриската агенција за здравство, била при крај, па според неа, точно ќе се знаело колку ќе не чини изграбата. Па рокот се продолжи за уште еден месец, анализира „Алфа“.

-Спремаме заедничко писмо од Министерството за здравство и Министерството за финансии со кое се обраќаме до повеќе финансиски институции, како комерцијални банки, така и меѓународни финансиски институции, за да ја побараме потребната финансиска помош согласно физибилити студијата што се подготвува. Апроксимативната цена е околу 500 милиони евра, а на крајот на овој месец ќе стигне дефинитивната, изјави министерот Филипче на 24 мај годинава.

Од министерството за здравтсво за „Алфа“ сега велат дека студијата се уште е „при крај“, во завршна фаза.

-Физибилити студијата поврзана со проектот „Нов Универзитетски Клинички Центар во Скопје“ која е договорена во форма на стручна, бесплатна техничка помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава, е во завршна фаза на изработка. Очекуваме Националната Агенција на Австрија – АХЦ (Austrian Health Care systems) и формално да не извести кога ќе бидат готови со конечната изработка и кога ќе изврши испорака, наведуваат од Министерството.

Во текот на претходните месеци здравствените власти не ја исклучуваа можноста, земениот кредит да се враќа со продажба на дел од парцелата на стариот Клинички која се простира на 200 илјади квадратни метри во најатрактивниот дел од метрополата. Пазарната вредност на парцелата на која сега се наоѓа комплексот „Мајка Тереза“ може да надмине и 100 милиони евра.

Темелите за новиот клинички во месноста „Веле поле“ во општина Ѓорче Петров, според владините најави, треба да се удрат до крајот на годинава. Оваа влада се реши на нова локација, иако претходната имаше веќе потпишано договор со италијанска компанија за изградба на истиот пристор, за четирипати помал износ од оној што сега е предвиден.

Идејата за нов клинички е стара повеќе од 10 години. Засега нема реализација, освен планови и ветувања, и од страна на сегашната, но и од претходната власт.

Најнови вести