На денешен ден во 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој во тоа време ја предводеше ОНА.
Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“.
– Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците, се додава во документот.
Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.
Договорот содржи и три Анекси: А. Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.
Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто подоцна прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор.