Џес Бејли беше потврден како амбасадор на САД во Македонија, од страна на Сенатот, во декември 2014. Во земјава тој пристигна од Анкара каде што беше вршител на должноста амбасадор.
Бејли во јануари годинава објави дека го напушта Скопје на почетокот од март, а потоа и ќе се пензионира од работата во Стејт департментот по 34 години работен стаж.
За иден амбасадор во земјава, која ќе го замени Бејли, претседателот на САД Доналд Трамп ја номинираше Кејт Мери Бирнс. Таа е дипломат од кариера, а во моментов е заменик-шеф на мисија во амбасадата на САД во Грција.
Претходно, таа била заменик шеф на мисијата и заменик постојан претставник во мисијата на САД во седиштето на ОБСЕ во Виена. Во својата кариера таа работела во американската амбасада во Мадрид, Шпанија, потоа била на дипломатски задачи во Авганистан и во седиштето на НАТО во Брисел. Бирнс зборува шпански, унгарски и турски јазик.