Неизвесно е дали повикувањето на обвинетите во судските предмети на Специјалното јавно обвинителство дека еднаш се веќе помилувани од претседателот Ѓорге Иванов, ќе опстои. Денеска на таа аболиција преку адвокатите се повикаа обвинетите Илија Димовски и Гордана Јанкулоска во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности, со 21 обвинет.
-Треба да се проверат две работи по однос на постапките со помилувањето. Дали претседателот Ѓорге Иванов имал право да ги аболицира можните осомничени и на кој член од законот се повикал во можните предмети на Специјалното јавно обвинителство и дали тие одлуки на Иванов се правосилни. При оценката на обвинението, тие беа одбиени. Затоа обвиненијата и опстојаа, поинаку ќе беа отфрлени, изјави на денешниот брифинг претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев.
Дотогаш судијата мора да ја тера постапката, а ако повисок суд одлучи поинаку, Основниот суд Скопје 1 ќе ја почитува и ќе постапува по таа одлука, рече Џолев.
Оттука се поставува прашањето дали претседателот на кривичен суд доставил наредба до сите судии како да судат? Познавачите на состојбите коментираат дека претседателот на кривичниот суд не е судечки судија во ниту еден предмет на СЈО, поради што, велат, не може да зборува и посочува како треба да судат судиите.
Со ваквата изјава во јавност тој дирекно ја загрозува независноста на судот и судечките судии. Според коментарите на аналитичарите тој нема право да суди дали претседателот на државата имал право да помилува или не. Дали Џолев ги дал насоките на судиите како да постапуваат во случаите на СЈО?! Даде ли тој е уште еден доказ за “независното судство” во Македонија.
Дополнителен доказ за тоа е одлуката на највисокиот суд во Атина. Повторно се актуелизираше амнестијата на Иванов, откако грчките новинари јавија дека Врховниот суд на Грција донел одлука да не ги екстрадира Бошковски и Грујовски, зашто биле еднаш помилувани од шефот на државата Иванов. Тамошниот суд одлучил дека еднаш донесена одлука за амнестија не може да биде повлечена.
Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет, ова правило кое го примени грчкото судство е правило кои важи во секоја правна држава, односно дека истото правило е дел и од домашното казнено право.