Претседателот на државата има право да донесе аболиција и тоа е факт. Ако биде донесена аболиција, судот тогаш ќе се произнесе и ќе проценува по неа.
Ова денеска го истакна Иван Џолев, претседателот на Кривичен суд, на денешниот брифинг и додаде дека не е добро правосудните органи да се произнесуваат однапред по тоа прашање.
– Доколку претседателот донесе законска аболиција, судот е должен да ја почитува, доколку пак е незаконска, тогаш тоа е работа за обвинителството. Ако биде донесена аболиција, судот тогаш ќе се произнесе и ќе проценува по неа, изјави Џолев.
Ваквиот одговор на Џолев следи откако Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов пред една недела потврди дека одбраната на осудените од случајот „27 април“ поднеле барање за аболиција до шефот на државата.
За 27. април единствен ослободен беше Дурловски, а најголема казна доби Митко чавков од 18. години.
Останатите казни се: Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски – Леви – 15 години, Оливер Поповски – 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ – 15 години, Абдулфета Алими – седум години, Младен Додевски – 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Ангеловски – 12 години, Игор Југ – 12, Влатко Трајковски – 15 години, Вилијам Михајловски – 14 години, Никола Митровски – Кољо -15 години и Александар Василевски Нинџа – осум години.
Осудени се за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во Парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.