Зголемен опфат на ревидирани јавни средства, зајакнување на знаењата и вештините на вработените, вршење на ревизија на успешност на различни програми и проекти во функција на остварување на отчетноста и доброто управување, испитување на резултатите во однос на економичноста, ефикасноста и ефективноста на активностите на јавниот сектор, информирање на засегнатите страни и јавноста за утврдените состојби во конечните ревизорски извештаи, се главните приоритети утврдени во Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2023 година.
Како што објави Државниот завод за ревизија, во 2023 година планира да изврши вкупно 78 ревизии, од кои 50 се однесуваат на ревизија на регуларност, 13 ревизија на усогласеност и 11 ревизии на успешност, од кои најмалку четири ревизии на успешност ќе бидат спроведени како кооперативни ревизии во соработка со ВРИ, како и четири ревизии на спроведување на дадените препораки содржани во КРИ од минатиот период.
Визијата и мисијата на Државниот завод за ревизија, се наведува во соопштението, останува стремежот кон одржување на нејзината независност, етичност и чесност, спроведувајќи ги надлежностите согласно законот и мандатот, промоција на објективноста и транспарентноста, инспиративноста и иновативноста да се даде најдобар пример, заштита на јавниот интерес во функција на постигнување на високо ниво на доверба од јавноста.
– Неминовно е да се истакне дека Државниот завод за ревизија чувствувајќи ја потребата од зголемување на својата транспарентност, отчетност и одговорност во рамки на подготвување на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година достави известување за доставување на барања/предлози за вршење на ревизија до преку 943 засегнати страни и постави на својата веб страница образец „Барање за ревизија“, како и информација за доставување на барања/предлози на Фејсбук страната, соопштија од ДЗР.
Заклучно со денот на изготвување на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година, пристигнати се вкупно 36 барања, од кои во најголем дел се барања доставени од ЕЛС (36 проценти), институции (25 проценти) и анонимно (22 проценти). Од пристигнатите барања, во рамки на подготвувањето на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година прифатени се 13 барања, што претставува 36 проценти од вкупно утврдените ревизии.