Еден месец по страшната автобуска несреќа на автопатот Струма во Бугарија, во која загинаа 45 лица, сообраќајот на 32-от километар е повторно целосно воспоставен. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на местото на несреќата веќе се заменети старите заштитни огради со нови, обновени се ознаките, а максималната дозволена брзина останува 120 км/ч.
Целосно е заменета, со нова и повисока, заштитната ограда меѓу исклучувањето за чешмата и активната лента, на делот каде излета и се запали автобусот на „Беса транс“.
Венец во спомен на жртвите е поставен на знакот „32 км“.
По несреќата на 23 ноември, сообраќајот по коловозната лента за Дупница и Кулата беше затворен за сообраќај, за вршење увид и истражни дејствија.
Агенцијата за патна помош на Бугарија, по несреќата изврши премер на делницата за да утврди дали знаците, заштитните огради и хоризонталните ознаки на подрачјето на несреќата се во рамките на законските норми.