Европската Комисија ја забележа оставката на премиерот Заев и порачува земјата да продолжи со реформскиот процес, вели Ана Писонеро, портпаролката на ЕК, во изјава за ТВ 24.
Според Писонеро, официјален Брисел го следел вториот изборен круг преку ОБСЕ-ОДИХР и порачува властите и сите засегнати страни ефикасно да ги адресираат преостанатите и претстојните препораки на меѓународната мисија на навремен и инклузивен начин.
На прашањето за став за оставката на Заев, но и за свечените изјави на новите советници во Аеродром и Штип без уставното име на земјава, од Писонеро вели
– Ја забележуваме најавата на премиерот Заев за оставка. Важно е земјата да продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ. Ги охрабруваме новите градоначалници и членовите на општинските совети да придонесат за унапредување на реформската агенда на ЕУ во интерес на сите граѓани. – изјави Ана Писонеро портпарот на Европска Комисија.
Оставката на Заев е под лупа и на официјален Вашингтон. Од американската амбасада во земјата, за телевизија 24 велат дека САД внимателно ги следи случувањата и очекува понатаможна соработка.
– Соединетите Држави ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот и со нетрпение очекуваат продолжување на соработката со владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна во евроатлантската интеграција. – изјави Амбасада на САД во РСМ.
Случувањата предизвикаа реакции во Софија и Атина. Екс вицепремиерот на Бугарија Красимир Каракачанов смета дека Македонија влегува во опасни турбуленции, дека народот гласал тврдоглаво и од инаев , а Заев пропуштил шанса да го реши прашањето со Бугарија
– Се разбира дека нема шанси да кажеме дека изборите да не создаваат проблем ниту триумфот на ДПМНЕ – оние што зборуваа за кршење договори, за обновување спомен-плочи во РСМ, дефинирање на нашата држава како фашистички окупатор и повикуваа на целосна дипломатска ЕУ-офанзива против Бугарија. – изјави Красимир Каракачанов екс вицепремиер Бугарија.
Пораки и од Атина. Грчкиот весник Катимерини во своја анализа оцени дека оставката на Заев е порака и за Грција. Катимерини пишува дека Зајакнувањето на опозицијата, која е против договорот за името со Грција, не навестува добро за билатералните односи или за регионалните случувања.
И германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ анализираше – според нив поразот и оставката на Заев, е и пораз на Европската Унија. Тие прогнозираат дека дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада.