И покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, информира НВО Еко-свест.
Оттаму истакнуваат дека по алармирање од локалното население, деновиве излегле на терен и дека бараат Министерството за животна средина да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145, а концесионерот да ја поправи состојбата на реката.
-Реката и речното корито се целосно уништени. Цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем. Според членот 44 од Законот за води „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Според член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода, велат од Еко-свест.
Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест нагласува дека штетата која е направена не може да се надомести.
-Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа, посочи Чоловиќ Лешоска.
Што е уште пострашно, додаде, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе.
-За нас ова е трагедија со долготрајни последици. Ништо што е живо не може да преживее без вода, вклучително и човекот. Бараме од Министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Исто така, бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет, порачуваат од Еко-свест и нагласуваат дека е потребна итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина.вј/са/